Доколку на своја рака премиерот го крене ветото за Македонија, тоа ќе има тешки последици, предупреди бугарскиот претседател пред посетата на Петков следната недела во Брисел. Народното собрание и Бугарите, вели, мора однапред и јасно да знаат за каква позиција во однос на Македонија ќе се залага премиерот.
Тој додаде дека, со горчина го следи распадот на бугарското Собрание. Им укажа дека, Собранието не е пазар – со тоа што едни купуваат пратеници, а други преговараат за враќање на стариот корупциски модел, и двете страни ја убиваат довербата и надежите на Бугарите.
Превирањата на бугарската политичка сцена и поддршката за Петков ќе бидат ставени на тест само еден ден пред самитот на ЕУ, на 22 јуни, кога на неговата влада ќе и` се гласа доверба. Предлогот го поднесоа ГЕРБ со образложение дека владата остварила неуспех во финансиската и економската политика. За да го „преживее„ гласањето, на Петков му требаат гласовите од 121 пратеник.
Сметките покажуваат дека владата е можно да падне, но Слави Трифонов, неговиот досегашен коалициски партнер, а сега противник, продолжува да губи пратеници. Денеска си замина уште еден негов пратеник, шести по ред. Во моментов, како што стојат силите, за недоверба би гласале 125 пратеници од опозицијата, а 115 би му дале поддршка на Петков. Тој, пак, мисли дека сѐ уште има шанси да ја спаси владата. Во интервју изјави дека има најмалку 15 пратеници од „Има таков народ„ кои не се убедени дека треба да го следат Трифонов. Ќе им понуди места и на останатите пратеници на идните листи на неговата партија, но не гледа на тоа како на трговија.
Опозицијата вчера го разреши претседателот на парламентот Никола Минчев, што покажа дека Петков не може да биде сигурен во мнозинство за доверба на неговата влада.
Далиборка Дамјанска Цветановска
