Русија би ги разгледала можните предлози за повторно воспоставување врски со Западот, но ќе размисли дали тоа е воопшто неопходно. Наместо тоа, земјата ќе се фокусира на развивање на односите со Кина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, цитиран од Ројтерс.
„Ако (западњаците) сакаат да ни понудат нешто за обновување на односите, тогаш сериозно ќе размислиме дали ни треба или не“, изјави вчера Лавров.
Шефот на руската дипломатија додаде дека „сега кога Западот зазеде диктаторски став, нашите економски односи со Кина ќе растат уште побрзо“.
Русија мора да се фокусира на евроазискиот регион за нејзиниот понатамошен развој, изјави Лавров, цитиран од ТАСС.
Тој зборуваше како дел од проектот „100 прашања до лидерот“ во елитното средно училиште „Евгениј Максимович Примаков“ во близина на Москва.
Останува релевантна изјавата на министерот за надворешни работи на Руската империја Александар Горчаков дека на големите сили не им треба признавање, бидејќи човечката природа не се менува, рече Лавров.
Во исто време, тој изрази загриженост поради, како што рече, обидите на многу западни влади да поттикнат русофобија на ниво на домаќинства.
По руската инвазија на Украина на 24 февруари, Западот воведе невидени санкции кон Русија и ги прекина врските со Русија во повеќе области.
