САД и Велика Британија ја обвинија Русија за ширење дезинформации на интернет и за манипулирање со јавното мислење за војната во Украина, објави Асошиејтед прес.
На состанокот на Советот за безбедност на ОН, Вашингтон и Лондон остро ги отфрлија тврдењата на Москва дека Западот се обидува целосно да го контролира протокот на информации и да утврди што е точно, а што не.
Русија врши сајбер напади и користи „онлајн фабрика за тролови за да шири дезинформации и да манипулира со јавното мислење за нејзината војна“, изјави британскиот заменик постојан претставник во Обединетите нации Џејмс Роско на состанокот за употреба на дигитални технологии за одржување на мирот.
Постојаниот претставник на САД во ОН Линда Томас-Гринфилд рече дека руските власти „продолжуваат да ги затвораат, ограничуваат и влошуваат интернет-врските, цензурираат содржини, шират дезинформации на интернет и ги заплашуваат и апсат новинарите за известување за вистината за инвазијата“.
Рускиот колега, Василиј Небензја, ги обвини земјите наречени „демократска заедница“ за воспоставување „сајбер тоталитаризам“ заедно со технолошките гиганти како Мета. Тие ја затвораат руската телевизија, ги прогонуваат руските новинари и го блокираат пристапот до руските сајтови, рече тој.
Небензија повторно ги обвини западните влади и медиумите дека ја фабрикуваат приказната за убиството на украинските цивили од страна на руските војници во Буча, северно од Киев.
