Русија планира да распореди околу 50 нови сарматски интерконтинентални балистички ракети, способни да носат нуклеарни боеви глави до крајот на есента, изјави генералниот директор на вселенската агенција Роскосмос, Дмитриј Рогозин, цитиран од ДПА.
Ракетите ќе бидат произведени во сибирскиот град Краснојарск, изјави Рогозин за Интерфакс во текот на викендот.
Првото пробно лансирање на ракетата Сармат од новата генерација се случи кон крајот на април на космодромот Плесецк во северна Русија. Ракетата има дострел од 18.000 километри, што би ѝ овозможило на Русија да достигне цели ширум светот, започнувајќи напади преку Северниот или Јужниот пол.
Се очекува првите ракети „Сармат“ да бидат лоцирани на територијата Краснојарск.
Рускиот претседател Владимир Путин го искористи лансирањето „Сармат“ во април за да му се закани на Западот поради воената акција на Москва во Украина. Ракетата може да ги надмине сите видови одбрана и да ги принуди земјите внимателно да размислуваат за заканите на Русија, предупреди тој тогаш.
