Вести Свет

Маската во затворените простори, единствената Ковид мерка актуелна во Грција

На почетокот на месецов Грција укина голем дел од рестрикциите за спречување на ширењето на Ковид-19, а единствената мерка што сè уште е во сила е маската во затворени простори.

За патување во Грција повеќе не е потребен ниту сертификат за вакцинација, ниту негативен резултат од направен тест, додека пак веќе два месеци е укинат и ПЛФ – формуларот. Истото важи и за внатрешноста на земјата, односно за влез во затворените објекти не е потребен документ за Ковид-19, како што беше пракса претходно.

Единствената мерка што е актуелна кај јужниот сосед, а важи како за Грците, така и за туристите е задолжителната маска во затворените простори, како што се превозните средства, продавниците, супермаркетите, болниците и слично.

Казната за непочитување на мерката, односно неносење маска во внатрешните објекти е 300 евра.

Од 1 јуни, како што веќе соопшти министерот за здравство, ќе биде укината и оваа мерка, со што летото во Грција ќе биде целосно слободно и без никакви ограничувања.

Маската ќе остане задолжителна само во болниците, домовите за стари лица и јавниот градски сообраќај, а ќе се укине и за авионите и за превозните средства со нумерирани седишта, како што се возовите и меѓуградските автобуси.

За употребата на маската во образовните институции и во бродскиот сообраќај, Комисијата на епидемиолози ќе одржи нов состанок следнава седмица.

-Укинувањето на задолжителната употреба на маска значи дека нема да се изрекува административната казна, но сепак останува охрабрувањето и препораката, дека ќе треба да се користи маската во сите простори, особено за населението кое припаѓа на ранливите категории, рече во средата министерот за здравство на Грција Танос Плеврис.

Сепак, укинувањето на мерките во Грција е привремено, бидејќи на есен, од септември, во зависност од текот на пандемијата, не е исклучена можноста одново да се воведат претходните рестрикции што се однесуваат на сертификатите и маските.

Доколку се направи анализа на секојдневните официјални податоци од Националната организација за јавно здравје, во изминатите десет дена во Грција беа регистрирани вкупно 43.104 случаи на Ковид-19, а почина вкупно 201 лице, што е во просек по 4.300 заразени дневно и 20 смртни случаи на дневно ниво.

Од ден на ден, според истите податоци, се намалува и бројот на пациенти приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници.

Од почетокот на пандемијата, во земјата има 3.414.189 случаи на Ковид-19 и 29.658 починати лица.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иран и Ирак потпишаа договори за соработка во областа на транспортот, финансиите и енергетиката

Дејан Дејан

Бела куќа: Саудискиот нуклеарен договор бара нормализација на односите со Израел според Абрахамскиот договор

Дејан Дејан

(Видео) Два ер трактори и два пинцгауери го гаснат пожарот кај Копаница

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе