Откако вчера Советот на СОНК ги одби заклучоците на Владата и не прифати зголемување на платите за 10%, со образоложение дека се работи за бетониран став кој не остава простор за понатамошни преговори, штрајкот продолжува , а неизвесно е враќањето на учениците во клупите по Велигден. Во ситуација кога не и се гледа крај на рововската битка меѓу СОНК и Владата,колатерална штета се децата кои одат во градинки и учениците. Поради пандемијата со онлајн настава и губењето 2 недели поради зимскиот распуст, средношколците се веќе три години надвор од нормалното образование и треба да се поттикне солидарност меѓу учесниците во образцовниот процес во интерес на сите, реагираат од Сојузот на средношколци.
Обете страни се одговорни за загубата на наставата во изминатите две недели, односно одговорни да најдат решение во интерес на средношколците. Сојузот на средношколци ги повикува двете страни што побрзо да склучат договор , со цел намалување на штетата која единствено ја трпат учениците, велат од Сојузот на средношколци.
Во многу малку училишта се организира вонредна настава. Ова е особено проблематично за матурантите бидејќи кај многумина од нив има големи шанси да се пробијат државните рокови кои негативно ќе се одразат на амбициозните кои сакаат да студираат во странство. Рокот за полагање проектна задача истекува денеска. Затоа е потребно итно решавање на проблемот, дополнуваат од Сојузот на средношколци.
Премиерот Ковачевски денеска кажа дека постои законски рок кој не е истечен за усогласување на останатите плати со зголемената минимална,а СОНК предвреме започнал штрајк, доведувајќи ги во заблуда наставниците. Заедничко решение за проблемите може и ќе се најде, но премиерот очекува воспитно – образовниот процес да продолжи.
– Доколку се покачува платата што треба да се направи исто така, треба да се испорача подобра услуга за граѓаните кои што тие плати ги плаќаат. Бидејќи најлесно е да се покачи плата во јавниот сектор. Синдикатот ќе побара, Владата ќе одобри, а ќе ја платат даночните обврзници, изјави Ковачевски.
СОНК бара зголемување на платите од 18, 4 % согласно порастот на минималната, а Владата нуди раст за 10% со претстојниот ребаланс на буџетот, што за Синдикатот е неприфатливо.
Сотир Трајков
