Вртелешка без детска смеа, продавници без муштерии и улици без луѓе. Ова е сликата од Одеса, „Бисерот на Црното море“, кој пред еден месец, пред руската инвазија беше полн со луѓе и туристи. Иако градот до сега главно беше поштеден од руските гранати, неговите жители не се залажуваат дека така и ќе остане. Од самиот почеток на војната, Одеса се подготвува. Доколку Мариупол падне, речиси сигурно е дека руската армија ќе го сврти вниманието кон Одеса и последното големо украинско пристаниште на Црното Море.
- Тоа што сега Русија го прави е тероризам, и геноцид и тоа е најужасното нешто на свет. Во опасност не е само украинскито народ, туку сите луѓе на светот.“, вели Руслана Бакштаева – жителка на Одеса
Малку повеќе од 500 километри на исток, другото големо украинско пристаниште Мариупол е речиси срамнет со земја. Украинската и руската армија со недели се борат за градот. Москва сака копнен коридор кон Доњецк под нејзина контрола и уште едно пристаниште за снабдување на армијата во Украина, особено што пристаништето во Бердјанск е постојано бомбардирано од Украинците. Киев денеска соопшти дека го уништиле оклопниот носач Орск и уште еден руски борбен брод во Бердјанск. Помеѓу двете армии во Мариупол има 100.000 цивили, без храна, вода и греење, и најголем дел од нив секојдневно се обидуваат да го напуштат градот, но борбите ги спречуваат.
- Се обидуваме да организираме, но се појавуваат нови луѓе со деца и нив ги пуштаме први. Ќе дотрча некој и ќе рече „Јас сум број 358, треба да ме пуштите“. Но штом има деца овде што можеме да направиме? Секако дека ќе ги пуштиме први. Исто така ги транспортираме и повредените, вели еден руски војник.
Турција, која изминативе недели се покажа како ефикасен посредник меѓу Русија и Украина, денеска соопшти дека ќе продолжи со напорите да организира средба меѓу Путин и Зеленски.
- Ќе ги продолжиме разговорите и со г-динот Путин и со г-динот Зеленски. Сите наши напори се насочени кон средба меѓу двајцата лидери и особено кон воспоставување атмосфера на мир.“, изјави Реџеп Таип Ердоган – Претседател на Турција
По денешните три самити во Брисел, американскиот претседател Џо Бајден објави нови санкции против Русија и соопшти дека ќе бидат обезбедени 1 милијарда долари хуманитарна помош за Украина. Осврнувајќи се и на разговорот со кинескиот претседател Си Џинпинг, Бајден го предупредил дека ако ѝ помогне на Русија во војната, сериозно ќе ги наруши трговските односи со САД и ЕУ.
Игор Трајков
