Гостите во вечерашната Топ Тема, Адамчевски и Петров, ги судрија ставовите и околу последиците на војната во Украина во нашата држава.
Новинарот Адамчевски истакна дека нашата држава веќе подолго време е завршена приказна за Русите, затоа што влеговме во НАТО.
Според него руската политика веќе е многу поинаква кон Македонија, во однос на периодот 2015-та, 2016-та година.
„Многу ригидни беа во поглед на македонското приклучување на НАТО и се плашев да не потегнат потег во однос на најкревката работа во Македонија, односно меѓунационалните односи. Добро е што влеговме во НАТО и сметам дека таа приказна е завршена и дека Македонија е една од постабилните држави во регионот“ – изјави Адамчевски.
Адамчевски вели дека анкетите покажуваат дека растот на популарноста на Путин е последица на односот на Европа кон нас.
„Значи не е резултат на активноста на Русија, туку повеќе од односот на Европската Унија кон нас, затоа што веќе со години не влечкаат и не удираат по рамо, ни велат ќе биде, еве и Борел некни рече имаме добра волја“ – изјави Адамчевски.
На ваквото размислување се спротистави Петров според кој руското влијание и натаму е и тоа како изразено во Македонија.
„Русија е многу присутна во Македонија, меѓутоа на друг начин, преку хибридни закани, преку лажни вести, преку креирање на перцепија на дефетизам, на разочараност кон Западот и ќе забележите дека на социјалните мрежи огромен број граѓани навиваат за Путин, таа руска активност си има огромно влијание во Македонија“ – изјави Петров.
Според него, има и студии кои потврдуваат дека во Македонија се евидентирани преку 500 ботови, цела војска, кои преземаат готови текстови, манипулативни материјали, преку одредени портали и меинстрим медиуми.
„Зборуваме за хибридни закани, тоа е тоа. И одат преку прокси играчи, не одат директно од Русија. Прокси играчи кои се нивни посредници. Треба ли да кажам од која држава доаѓаат? Знаеме од која држава. Тоа е познато, ова е веќе обелоденето во јавноста“ – изјави Петров.
