САД синоќа соопштија дека наредиле да се вратат дома членовите на семејствата на вработените во Амбасадата во Украина, повикувајќи ги сите американски граѓани да размислат за заминување поради заканата од руска воена акција.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека одобрил „доброволното заминување на американските државни службеници и наредил заминување на членовите на нивните семејства од Амбасадата во Киев поради континуираната закана од руска воена акција“.
На американските граѓани во Украина им е препорачано да размислат за можност за заминување.
„Русија може да изврши воена акција во секое време и американската Влада нема да биде во позиција да ги евакуира американските граѓани во таква криза, затоа тие мора да се подготват“, се вели во соопштението на Амбасадата.
„Њујорк тајмс“ синоќа објави дека американскиот претседател Џо Бајден размислува да испрати неколку илјади американски војници во сојузниците од НАТО во Источна Европа и Балтикот. Пентагон одби да го коментира извештајот на весникот.
ЕУ нема намера да ги евакуира семејствата на своите дипломати од Украина, бидејќи не гледа причина за тоа и очекува објаснување од САД за потегот, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.
– Сè уште нема единствен предлог за санкции од ЕУ, но се разгледуваат неколку опции. За нив во моментов се преговара меѓу институциите и земјите на ЕУ, рече дипломатот.
Сепак, тој додаде дека во случај на агресија врз Украина, Унијата „ќе може да воведе санкции кон Русија во рок од неколку дена“.