Европските лидери ги враќаат ограничувањата на коронавирусот бидејќи новата варијанта на Омикрон продолжува да се шири низ континентот.
Нациите, вклучувајќи ги Германија и Португалија, најавија пост-божиќни ограничувања и поголеми мерки за социјално дистанцирање.
Омикрон е веќе доминантен вид во многу европски земји.
Напливот ќе ги турне здравствените системи на континетот кон работ на колапс, предупреди првиот човек на Светската здравствена организација.
Ханс Клуге рече дека доаѓа „уште една бура“ и владите треба да се подготват за значително зголемување на случаите.
Германија објави дека од 28 декември ќе се вратат ограничувањата со кои се ограничуваат приватните собири на 10 лица и ноќните клубови ќе се затворат. Фудбалските натпревари од тој датум исто така ќе се играат без публика.
„Коронавирусот не прави божиќен одмор“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Не можеме – и не смееме – да ги затвориме очите пред следниот бран што почнува да не надвиснува“, додаде тој.
Во меѓувреме, Португалија нареди баровите и ноќните клубови да се затворат од 26 декември, а работата од дома стана задолжителна од тој датум до 9 јануари.
Собирите на отворено во оваа земја се ограничени на 10 лица.
Во Обединетото Кралство, премиерот Борис Џонсон отфрли било какви нови ограничувања за Англија пред Божиќ, но Шкотска, Велс и Северна Ирска најавија ограничувања на социјалното мешање.
Во Шведска, баровите, кафулињата и рестораните ќе можат да услужуваат гости со седење, а од луѓето се бара да работат од дома доколку е можно.
Министерката за здравство Лена Халенгрен рече дека очекува зголемување на случаите на Омикрон и предупреди дека „оптоварувањето на здравствениот систем се зголемува“.
Холандија веќе воведе построги ограничувања, најавувајќи строго заклучување во понеделник.
Според најновите бројки на ЕУ, Европа веќе забележа повеќе од 89 милиони случаи и 1,5 милиони смртни случаи поврзани со Ковид.
Омикрон првпат беше идентификуван во јужна Африка минатиот месец, но сега се прошири низ целиот свет. Податоците од целиот свет сугерираат дека Омикрон можеби е позаразен, но сè уште нема докази дека предизвикува посериозна болест.
Откриен е во најмалку 38 од 53 земји во европскиот регион на СЗО – кој ги вклучува Русија и Турција – и е доминантен во неколку, вели организацијата.
