Министрите за одбрана од земјите-членки на НАТО ќе се сретнат денеска во Брисел по новата пресметка со Русија, која резултираше со прекин на односите на Москва со Алијансата и затворање на канцеларијата на НАТО во таа земја.
Се очекува министрите за одбрана денеска да се договорат за новиот главен план за одбрана од секој потенцијален руски напад на повеќе фронтови, и покрај новиот фокус на алијансата кон Кина, тврдат дипломати и официјални лица.
Доверливата стратегија ги надминува постојните регионални планови за одбрана и има за цел да се подготви за секој истовремен напад во балтичките и црноморските региони, по можност со нуклеарно оружје, хакирање компјутерски мрежи или вселенски напад.
Официјални лица и дипломати велат дека таков напад не е непосреден.
Русија негира какви било воени намери и вели дека НАТО е тој што ризикува да ја дестабилизира Европа со вакви подготовки.
