Претседателот на ДИК Оливер Дерковски е свесен дека хакерскиот напад предизвика сомнеж во јавноста но вели дека тоа никако не влијаело врз резултатите од изборите.
Преку денот имавме одлично функционирање на апликацијата на системот за излезноста на секои два часа и само што почнавме да објавуваме резултати имавме напад, според зборовите на претставникот на провајдерот, од над 25 милиони ИП адреси, вели Дерковски.
Тој вели дека апликацијата за примање на резултати не била нападната затоа што била на локален сервер и таа функционирала нормално и примала резултати од сите избирачки места. Нападнат бил само серверот преку кој требаше јавноста во живо да го следи објавувањето на резултатите.
Како пристапиле до серверот хакерите е одговорот кој што треба да го почекаме од МВР, вели Дерковски. Ние ќе спроведеме наша интерна истрага но секако ќе ги почекаме резултатите од истрагата на МВР, затоа што имаат доволно стручна екипа да ни помогнат и нам.
Во секој случај одговорност за настанот мора да има, и кај нашите луѓе од секторот кои што ги управуваат системите затоа што пред некое време набавивме опрема за да имаме понова, пософистицирана опрема и ги обезбедивме сите потребни елементи да не ни се случуваат вакви работи. Имавме и обуки кои што ги прававме за заштита од сајбер напади, но се случи. Да почекаме и да не шпекулираме затоа што е сериозна работата.
Тоа што се случи со хакерскиот напад во никој случај не ги става во прашање резултатите од изборите, тврди претседателот на ДИК.