За разлика од Скопје, каде граѓаните во редици чекаат да бидат попишани на пунктовите, во Штип мирно, без турканици и проблеми. Во пописната комисија во Штип има повеќе реонски попишувачи отколку граѓани. Најголемата статистичка операција во штипскиот регион е на самата завршницa, во рок од три дена на овој пункт попишани се околу 300 граѓани.
Официјални изјави од пописната комисија нема, бидејќи такви инструкции добиле од централата. Но, Телма дознава дека за попишување во општините Штип и Карбинци останале само уште еден процент од домаќинствата. Реонските попишувачи си ја завршиле работата на терен, тврдат штипјани.
Информациите дека попишувачите кои си ја завршиле работата во своите реони се испраќаат на испомош во населени места и градови, каде што сѐ уште нема поголем број на попишани граѓани ја потврди и министерот за правда Бојан Маричиќ, а владиниот портпрол потврдува дека сите капацитетите се ангажирани на терен.
Остануваат уште два дена од најголемата статистичка операција во земјава, која се случува по 20 години. Досега се пошишани 1.800.000 граѓани и околу 201.000 иселеници. Од Собранието за Телма потврдуваат дека до пладне сѐ уште ниту една политичка партија нема поднесено предлог за продолжување на пописот.
Викторија Димитрова Јованова