Додека некои граѓани сè уште се двоумат за прва доза или целосно се против вакцинација, денес во пунктовите почна да се дава и трета доза. А, таму сликата е поразлична од почетокот на вакцинацијата. Ги нема тие редици на влезовите. Но, уште рано наутро веќе се вакцинирани неколку лица по третпат, со што и официјално започна овој нов момент во имунизацијата на населението. Засега, неколку категории на граѓани може да се јават на трета доза – лица над 60 годишна возраст, лица со ослабнат имунитет поради некоја болест и медицински работници.
Сепак, не сите граѓани се согласни со одлуката на надлежните за трета доза вакцина, а дел се и во дилема.
Вакцината на производителот „Фајзер“ е наменета за трета доза кај оние што ќе ја примат, независно каква добиле претходно. Македонските државјани кои спаѓаат во некоја од категориите, а се вакцинирани во странство, ќе мораат најпрво да одат на пункт за вакцинација и да бидат внесени во националниот систем како имунизирани граѓани.
Кај медицинските лица има расположение за вакцинирање со трета доза. Најважна е пораката што ќе се испрати, бидејќи голем дел од медицинарите веќе и го прележаа вирусот, освен што се вакцинирани со две дози, велат дел од нив. Доктор Божидар Кочовски вели дека третата доза е важна затоа што кинеските вакцини со инактивиран вирус се покажале како не толку ефикасни особено кај повозрасната популација.
Вакцинирањето со трета доза е една од новите мерки на здравствените власти која ја соопшти министерот за здравство уште минатата недела, а освен тоа и најави Корона-скрининг на децата во училиштето, но само со согласност од родител.
Петар Догов
