Штипските епидемиолози бележат благо зголемување на заразени ученици со коронавирусот и тоа на возраст од 10 до 19 години. Но, смируваат дека состојбата е далеку од загрижувачка, бидејќи од почетокот на учебната година, па досега имаат потврдени 25 случаи во основните и средни училишта.
Дали меѓу новите четири случаи на заразени ученици и по еден наставник и воспитувач во девотелетка и градинка има локална трансмисија на вирусот ќе се анализира во текот на утрешниот ден, кога се прават и поголеми анализи за состојбата.
Директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова вели дека досега меѓу изолираните ученици нема појава на симптоми, а кои биле пријавени како блиски контакти на позитивните случаи.
-Во штипските конфекции имаме заразени работнички, но засега немаме локална трансмисија во самите фабрики, ни се појавуваат изолирани случаи, а при анализите од анкетите се покажува дека се заразиле по конткат со некој од семејството, вели марија Димитрова, директор на центар за јавно здравје-штип.
Во штипскиот ковид центар деновиве бројот на хоспитализирани се движи околу 50 пациенти, на кои им треба болнички третман, 38 од нив се на кислородна поддршка, а денеска двајца пациенти ја изгубиле битката со вирусот. Пациентите и понатаму остануваат сместени во модуларната болница и на Кожното одделение. Директорот на болницата, Ален Ѓеорѓијев очекува за десетина дена повторно да се преселат во зградата на Инфективното одделение, каде се поставува современ противпожарен систем. Овој објект не е во функција изминатите два месеци поради негова реконструкција со европски пари.
Викторија Јованова
