Часовникот отчукува, а дел од кандидатите за градоначалници ги чекаат последните рокови за да ги поднесат документите за нивната кандидатура за локалните избори.
Наместо директно во Државната изборна комисија, политичките партии и независните кандидати имаат обврска кандидатурите да ги поднесат до Општинските изборни комисии до денеска на полноќ.
Комисиите ќе имаат свои тимови кои ќе дежураат до завршувањето на рокот, за да овозможат да тече работата непрекинато до последната минута. Во бараките на Град Скопје службите денес цел ден очекуваат да имаат работа со еден куп листови во папките на секој кандидат поодделно.
Некои од кандидатите веќе ја завршија својата работа и ги оставија документите со што ја потврдија својата кандидатура – останатите во текот на денот ќе ја завршат и таа финална обврска.
Потоа следи разгледување на кандидатурите, а кандидатите ќе можат да исправат секакви неправилности во пријавата што евентуално ќе се појават.
За недела дена од сега, Општинските изборни комисии ги доставуваат листите до Државната изборна комисија и тогаш со ждреб се одредува распоредот на изборното ливче.
Најнова информација околу кандидатурите денес стигнува од министерот за локална самоуправа и претседател на ЛДП Горан Милевски кој објави дека вчера поднел кандидатура за градоначалник на Битола.
За Скопје, една од ретките кои порано во денот стигнаа да ја поднесат својата кандидатура е Ана Петровска. Кандидатите од другите партии меѓу кои и од најголемите политички партии кои не ја завршиле таа обврска до сега, се очекува тоа да го направат во подоцнежните часови.
„Кампањата веројатно нема да биде едноставна, ќе биде жестока, но ние сме подготвени да им покажеме на граѓаните зошто ние заслужуваме да бидеме во Советот на Град Скопје и во канцеларијата на градоначалникот односно на градоначалничката на Град Скопје. Квалитетот на кандидатите ќе произлезе од тоа кој што има да донесе во оваа борба, всушност образование, искуство, познавање на проблемите и познавање на решенијата“ изјави Ана Петровска, кандидат за градоначалник од „Зелен хуман град“.
Локалните избори ќе се одржат на 17 октомври, а од почетокот на кампањата не делат точно 16 дена. Истата ќе заврши на 15 октомври на полноќ, два дена пред одржувањето на гласањето.
Ова се втори избори коишто се случуваат додека трае пандемијата, а властите гарантираат дека ќе се спроведат со почитување на мерките за превенција од ширење на вирусот.
Петар Догов
