Досега се поднесени два приговори до ДИК од партијата „Демократи„ на Јорго Огненовски за неважечки гласачки ливчиња.
Правниот тим на Социјалдемократите ја разгледува можноста за приговори, но неофицијално, ќе реагираат до Комисијата само доколку прегласувањето на тоа гласачко место го менува резултатот.
Во спротивно, не би го комплицирале процесот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера најави дека правна комисија на партијата работи на евентуални приговори. Носителот на листа, Владо Мисајловски, на фејсбук напиша дека не го прифаќа резултатот.
Претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, изрази длабока загриженост и негодување за, како што вели, сомнителни резултати на многу избирачки места. Пријавил десетици вакви случаи до релевантни тела и меѓународни институции, а најави приговори во 5 и 6 изборна единица.
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев рече дека партијата е оштетена за минимум 10 илјади гласа и дека им се украдени, како што рече, тројца пратеници, во изборните единици 1, 2 и 4.
Според нивниот аналитички центар, електронските записници не кореспондираат со хартиените записници. Најави приговори, но и кривични пријави против членовите на ДИК. Приговори најавија и од Интегра.
Рокот за жалби за постапката на гласање завршува вечерва во 21 часот, додека за сумирањето и утврдувањето на резултатите партиите можат да се жалат до утре во 19 часот и 30 минути. Роковите почнаа да течат синоќа кога беа објавени неофицијалните конечни резултати.
Комисијата има рок од 72 часа да одлучи по приговорите. Против нивната одлука може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, е должен да донесе одлука по жалбата во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
Приговор до ДИК може да поднесе и секој избирач кому му е повредено избирачкото право при гласањето.
ДИК може по службена должност или по поднесен приговор, да го поништи гласањето на гласачко место.
Повторното гласање се одржува 14 дена од денот на првото гласање.Но, доколку не влијае на конечниот резултат, не се прегласува.
Далиборка Дамјанска Цветановска