Ноќеска биле оштетени цевки на доводот за кислород во тетовската Клиничка болница, кои за среќа го снабдувале новиот објект, каде немало пациенти. Случајот утрово е пријавен во СВР Тетово, од каде информираат дека со употреба на физичка сила биле оштетени две бакарни цевки, едната цевка за компримиран воздух била скината, а втората за азотен оксидол била свиткана. Увидот кој бил направен на местото треба да помогне во расчистување на случајот.
Од болницата велат дека е избегната трагедија, затоа што цевките не биле поврзани со ковид одделенијата. За да не се повторат вакви инциденти ќе се зголеми обезбедувањето.
Токму кислородот е најважен овој период зашто речиси сите ковид пациенти се на кислородна поддршка. Бидејќи постојано има нови приеми состојбата во болницата е се уште тензична.
Голем притисок има и врз гостиварската болница, каде капацитетите се исполнуваат. Доколку растечкиот тренд на хоспитализации продолжи, заболени ќе се препраќаат во болници во други градови.
Инаку речиси две третини од вкупниот број активни случаи на ковид 19 се во Скопје, Тетово и Гостивар.
Данијела Билбилоска
