Вести Македонија Топ вести

Екоорганизации бараат Владата итно да ги повлече концесиите за геолошки истражувања во 27 општини – предупредуваат дека се крши законот за минерални суровини

Новиот бран постапки за доделување концесии за проспекциски геолошки истражувања повторно ги мобилизираше еколошките организации и граѓанските иницијативи. Вкупно 26 организации испратија барање до Владата и до Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини со кое бараат целосно да се стопираат актуелните процедури и да се повлечат владините одлуки врз чија основа се распишани јавните повици.

Во фокусот на нивната реакција се одлуката од 23 декември 2025 година за просторот „Север-Североисток“ и одлуката од 30 јуни 2026 година за просторот „Исток“, како и сите јавни повици што произлегуваат од нив.

Организациите предупредуваат дека, ако постапките продолжат, веќе на 6 август е предвидена електронска аукција за доделување на концесиите. Според нив, проблемот не е само во обемот на територијата што е опфатена, туку и во фактот што голем дел од неа веќе бил предмет на различни видови геолошки истражувања или концесии. Тврдат дека анализите покажуваат оти од 2004 година наваму речиси целосно биле опфатени со концесии териториите на повеќе источни општини. Со двете владини одлуки се опфатени вкупно 29 општини.

Во доставеното барање организациите наведуваат дека предложените полигони се преклопуваат со простори кои веќе биле истражувани, со подрачја за кои се воделе или сè уште се водат постапки за детални геолошки истражувања, како и со важечки концесии за експлоатација на минерални суровини. Поради тоа сметаат дека не се исполнети законските услови за отворање нови постапки.

„Министерството било должно пред доставувањето на предлогот до Владата точно да ги утврди границите на предложените простори и да ги исклучи сите површини опфатени со законските забрани. Нивното вклучување во поширок концесиски полигон не е дозволено, ниту може да биде коригирано во подоцнежна фаза од постапката“, наведуваат организациите.

Тие се повикуваат на член 7-а став 2 од Законот за минерални суровини, според кој проспекциски геолошки истражувања не може да се вршат на простори за кои веќе се водат постапки за детални истражувања, на веќе доделени концесии за детални истражувања, на претходно истражени подрачја и на простори под концесија за експлоатација. Поради тоа бараат Владата веднаш да ги запре сите активности, вклучително и приемот и оценувањето на понудите, како и планираната електронска аукција.

„Очекуваме Владата да постапи согласно Законот за минерални суровини, да ги поништи или стави вон сила предметните одлуки, целосно да ги прекине постапките и да спречи доделување концесии врз основа на постапки што опфаќаат законски исклучени простори“, порачуваат организациите.

Прашањето за нови рударски концесии веќе неколку месеци е една од главните теми во јавноста. Во јуни еколошките здруженија алармираа поради случајот со рудникот Иловица-Штука, но и рудникот Крстов Дол кај Крива Паланка.

Сузана Мицева

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Расте интересот на читателите за класиците

Дејан Дејан

Левица: Пропадна можноста за суштински изборни реформи, ДПМНЕ и СДСМ си обезбедија 10 милиони евра за политичка пропаганда

Sasko Dimovski

СДСМ: Вистинската штета не се изгубените 4,2 милиони евра, туку застојот на евроинтеграциите

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе