Вести Македонија Најважни

Осум членки на ЕУ се потпишаа на нов нон-пејпер за проширувањето

Осум држави членки на ЕУ бараат проширувањето да продолжи, но за разлика од нон-пејперот на Германија, Франција, Белгија, Луксембург и Холандија тие се за правење помала дистинкција меѓу старите и новите членки, пред се во воведување на нови правила за пристапување и контролни механизми за новите членки.

Со нон-пејперот, до кој дојде Телма, а на кој се потпишани Австрија, Италија, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Словачка и Грција, се бара заштитните мерки, транзиционите аранжмани и механизмите за следење по пристапувањето на новите членки да се користат пропорционални, временски ограничено и да бидат поврзани со објективно идентификувани потреби. Едно од барањата е и избегнување на непотребни нови пречки за земјите-кандидати, односно, целната линија да остане видлива и стабилна.

Континуираното додавање нови барања, политички предуслови или институционални порти за време на трката би ги демотивирало кандидатите, би го поткопало кредибилитетот на европската перспектива и би го ослабнало сопственото влијание на Унијата во нејзиното соседство, стои во докумнетот.

Се бара и методологијата за пристапување да биде иста за сите земји, а не да се прилагодува за секоја земја, со што би се компромитирала предвидливоста, а со тоа и кредибилноста на процесот. Со нон-пејперот се бара и еднаквост по пристапувањето.

„Поголемата Унија мора да биде способна да ги брани своите интереси, да ги одржува своите вредности и ефикасно да реагира на кризи. Ова бара сериозна посветеност на внатрешните реформи што вклучуваат политики и институционално функционирање. Ваквата основна работа треба да продолжи паралелно со проширувањето, но не треба да го префрла товарот на нерешените внатрешни прашања врз идните земји-членки“, се наведува во документот.

Според потписничките на нон-пејперот тоа значи наоѓање хоризонтални решенија, а не ограничувања специфични за кандидатите. Според нив, различното учество на земјите во специфични политики на Унијата може да биде оправдано, само ако е регулирано со специфични законски барања и услови, како влез во Шенген зоната, но таквите ограничувања да се не растегнуваат во пошироки форми на различно членство, ниту да генерира регулаторни асиметрии во рамките на внатрешниот пазар.

Нон-пејперот ги опфаќа и Договорите за членство при што се наведува дека тие за новите членки можат да се надградат врз основа на постоечките секторски заштитни мерки и преодни мерки, но да бидат пропорционални и временски ограничени, со јасни индикатори за активирање.

Во делот на заштитните клаузули за новите членки се наведуваат и добрососедските односи, во насока на спроведување на меѓународните договори и по пристапувањето. Сепак, потписничките на нон-пејперот, меѓу кои е и Грција, наведуваат дека тоа нема да создаде нови обврски, туку ќе ги зајакне обврските кои претставуваат составен дел од условите врз кои се темели пристапувањето.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ахмети пак не успеа да гласа, одложено гласањето на Закон за правична застапеност

Tea Dimkovska

Овчата сипаница се шири низ истокот – опфатени бачила во четири општини

Tea Dimkovska

Јавен повик, тајни понудувачи, се уште не се открива кои компании се јавиле на повикот за нови автобуси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе