Тројца млади, меѓу кои двајца 15-годишници, биле однесени од силниот воден тек на реката Треска, откако нивото на водата нагло се зголемило поради зголемен испуст од браната „Матка“ за производство на електрична енергија.
Инцидентот бил пријавен денеска на Единствениот број за итни повици 112. Според Центарот за управување со кризи, тројцата се капеле во реката кога надојдената вода ги повлекла.
Едното малолетно лице веднаш било извлечено од водата, додека другите две лица биле пронајдени низводно по течението на Треска. Сите тројца се спасени, живи се и немаат видливи повреди.
По пријавата, ЦУК ја координирал спасувачката интервенција во која биле вклучени полицијата, противпожарните екипи, Итната медицинска помош, надлежните институции и жители на Општина Сарај.
Од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при престој покрај реки и езера, особено во близина на брани и хидроенергетски објекти. Предупредуваат дека нивото и брзината на водата може нагло да се променат поради контролирани испусти.
