Вести Свет

Брисел го забрзува темпото на проширувањето со денешниот „Супер вторник“ како „највозбудлив“ доказ

Европската унија денеска го прави, самонаречениот, најголем исчекор изминативе две децении за прием на нови членки, со дури четири кандидатки кои во Брисел одржуваат посебни конференции за формално одбележување на постигнатите одредници во своите процеси. Украина и Молдавија ги отвораат вторите кластери во своите процеси на пристапување, кои се однесуваат на трговија, надворешна политика и безбедност, додека пак Албанија и Црна Гора затвораат поглавја од своите кластери.

„Значи, пред два или три месеци овој „Супер вторник“ најверојатно не можеше да се замисли. Затоа мислам дека е важно да направиме проценка и сфативме каков напредок постигнавме изминатиов месец, каков значителен напредок постигнавме овој месец“, изјави Томас Бирн, министер за европски прашања на Ирска.

За еврокомесарката за проширување, Марта Кос, процесот го забрзува темпото по повеќе години на замреност поради противењето на поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан и двоумењето на одредени европски земји дека евентуалните нови членки ќе назадуваат во своите демократски процеси и владеењето на правото, трансформирајќи се во нови „Унгарии“, односно нови интерни пречки за Брисел.

Токму затоа, случајот на Украина е толку импресивен, напомена еврокомесарката.

„Украина спроведува трансформација која е толку импресивна поради најтешките можни услови под кои се прави. Минатиот месец го отворивме првиот кластер, кој е листата задачи на Украина за реформи на независноста на правосудството, транспаретноста на јавните набавки и поголема заштита од корупција и организиран криминал. Денеска го отвораме кластерот шест. Овој кластер вклучува надворешни односи, како и нашата безбедносна и одбранбена политика. Во овие области, украинскиот случај за членство е многу цврст“, порача Марта Кос, еврокомесарката за проширување.

Иако Брисел се обидува да порача дека денешниот супер вторник е резултат на макотрпната работа и посветеноста на овие четири влади за спроведување на неопходните реформи, сепак неспорна е перцепцијата дека Унијата се повеќе започнува да го гледа процесот на проширување како геополитички императив во светскиот поредок кој очигледно се менува. Во таа смисла, нема да биде незамисливо Брисел да организира некои идни „мега понеделници, супер среди, или фантастични петоци“.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Костадиновски: Имаме сериозно примитивна политичка култура

Sasko Dimovski

НЛБ Банка и Прагма продукција ја најавија големата летна концертна сезона 2026

Sonja Petrusevska

Условна казна затвор за екс претседателката на Антикорупциска Taтјана Димитровска за оддавање податоци на обвинето лице

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе