Србија не доби зелено светло за отворање на Кластерот 3 во пристапните преговори со Европската Унија, откако осум земји членки го блокираа и се спротиставија на понатамошен напредок на Белград кон членството.
Како што пишуваат „Новините“ од дипломатски извори, против отворањето на новиот кластер се изјасниле Холандија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Шведска, како и трите балтички држави – Естонија, Латвија и Литванија.
Главните забелешки се однесуваат на состојбата со владеењето на правото, реформите во правосудството, медиумските слободи и недоволното усогласување на Србија со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, вклучително и одбивањето да воведе санкции против Русија.
Дополнително, Данска и Луксембург изразиле резерви, оценувајќи дека Белград сè уште не покажал доволен напредок во борбата против корупцијата, усогласувањето со европската политика кон Русија и гарантирањето на слободата на медиумите.
Иако Европската комисија на состанокот оценила дека Србија исполнила дел од потребните услови и направила одреден напредок, повеќето земји членки не ги прифатиле тие аргументи. За отворање на кој било од шесте преговарачки кластери е потребна едногласна поддршка од сите 27 земји членки на ЕУ.
