Почина д-р Денко Скаловски, редовен професор во пензија. Зад себе остави генерации студенти, богато научно дело и значаен придонес во развојот на филозофската мисла, објави Филозовскиот факултет, Скопје.
Д-р Денко Скаловски е роден во 1956 година во Скопје. Студирал театарска режија во Белград, а потоа филозофија на Филозофскиот факултет во Белград.
Филозофија дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје во 1981 година. Магистрирал во 1992 година со трудот „Етиката на одговорноста кај Ханс Јонас“, а докторирал во 2000 година со дисертацијата „Антиподи на современата филозофија на музиката“.
Во академската кариера бил избран за доцент во 2000 година, а за редовен професор во 2010 година.
Во 2010 и 2015 година престојувал на постдокторски студии на Универзитетот „Јохан Волфганг Гете“ во Франкфурт на Мајна, под супервизија на професорот Аксел Хонет.
Неговите научни и истражувачки интереси опфаќаа филозофија, филозофија на родот, филозофија на културата, филозофија на уметноста, односно естетика, историја на родот и полот и социологија на спортот.
Телото ќе биде изложено на 9 јули во капелата во Ѓорче Петров, од 12 до 13 часот. Погребот ќе се одржи во 13 часот.
„Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите, студентите и сите што имаа чест да соработуваат со него. Нека почива во мир“, се вели во соопштението на Филозофскиот факултет.
