Украина е подготвена за безусловен прекин на огнот со Русија и нема да стои на патот на мировниот процес, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на панел одржан во рамки на Самитот на НАТО во Анкара.
Сибиха нагласи дека траен мировен договор не е реален без вклученост на САД во преговорите. Според него, идниот договор треба да содржи правно обврзувачки безбедносни гаранции од Вашингтон, како и натамошна воена поддршка, напредок на Украина кон членство во Европската Унија и зајакнување на украинските вооружени сили.
На панелот учествуваа и министрите за надворешни работи на Холандија и Шведска, кои порачаа дека поддршката за Украина мора да продолжи и да се зголеми. Тие оценија дека Русија останува сериозна закана за европската безбедност и повикаа на дополнителен притисок врз Москва преку санкции и засилена меѓународна помош за Киев.
