Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) донесе одлука за привремено укинување на суспензијата на Русија што беше воведена на 12 октомври во 2023 година.
Извршниот одбор на ИОК ја донесе одлуката по деталната анализа на Правната комисија на организацијата која утврди дека Олимпискиот комитет на Русија повеќе нема ниту една регионална спортска организација во својот состав од териториите кои се под надлежност на Олимпискиот комитет на Украина.
Во образложението на одлуката се наведува дека Рускиот олимписки комитет потврди дека ниту спроведува, ниту во иднина планира да спроведува активности на тие територии. Сепак, ИОК остава можност повторно да реагира во слулчај на менување на ситуацијата.
„Извршниот одбор на ИОК ќе продолжи внимателно да ги следи сите активности на Олимпискиот комитет на Русија кои би можеле да бидат поврзани со тие територии и го задржува правото да преземе дополнителни мерки, доколку процени дека се неопходни“, се наведува во соопштенмието на ИОК.
