Владата го разгледала извештајот на независната комисија составена од Министерството за здравство, а која заклучи дека во земјава се изведувале непотребни операции на срце.
Извештајот бил разгледан на затворена седница.
Овие информации ги сподели Сашо Клековски, кандидат за министер за здравство и директор на ФЗО, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Сепак, Клековски не откри дали и какви заклучоци донела Владата во врска со извештајот. Причината е што тој во моментов е директор на Фондот за здравствено осигурување, а не член на Владата.
Информацијата ја сподели во делот од разговорот за извештајот за непотребните операции кој е релевантен и за Фондот што го раководи. Операциите „на државно“, ги покрива институцијата, независно дали се направени во државна или во приватна установа.
