Интерен мејл со најава за дисциплинска постапка е причината поради која денес не се одржаа најавените протести организирани пред регионалните канцеларии на УЈП организирани од репрезентативниот синдикат „Солидарност“. Потписник на мејлот, според синдикалците е директорката на УЈП, Елена Петрова, а испратен е во 7.20 часот утрово, точно два часа пред почетокот на најавените мирни протести.
Синдикатот „Солидарност“ и Петрова имаат дијаметрално спротивни гледишта на Законот за јавни собири. Според синдикатот законот признава право на протест во работно време, Петрова пак во интерниот допис нагласува дека вработените имаат право на штрајк а не на мирни протести.
„Голем број вработени сабајлево дојдоа кај мене и се пожалија дека на интерно гласило на УЈП од страна на работодавачот им е укажано дека таквото делување е недозволиво, е спротивно на закон, дека законот тоа не го предвидува и се известени дека за едно такво постапување и учество поради наводно согласн ставот на работодавачот организирање и спроведување на таква активност ќе бидат преземени мерки и за одговорност за нарушување на работните обврски“, рече Васе Неданоски, претседател на синдикат „Солидарност“
Според Неданоски, повик да не се излегува на протест пристигнал од претседателот на вториот репрезентативен синдикат во УЈП – синдикатот САДУ.
Иако мирниот протест не се одржа, претставниците на „Солидарност“ очекуваат средба со раководството на УЈП, прва откако за директор е именувана Петрова, за да дискутираат за настанатата состојба. Не се исклучува и организирање на штрајк.
„Сметам дека ќе најдеме начин да го надминеме проблемот. Штрајкот е законско и легитимно право за кое треба да се направат подготовки, но апелирам и до другата страна да најдеме решение“, рече Васе Неданоски, претседател на синдикат „Солидарност“
Вработените во УЈП веќе четврти месец ги немаат добиени 7 проценти зголемување на платата како и усогласувањето со растот на минималната односно дополнителни 1.600 денари и тоа е причината поради која требаше да се одржат протест во траење од два часа пред сите регионални дирекции на Управата.
Огнен Чанчаревиќ
