Вести Македонија Топ вести

Наместо вицепремиер за добро владеење, секретар од премиерскиот кабинет за антикорупциски битки- главниот кандидат Димовски беше ослободен од две обвиненија за злоупотреби

На веб сајтот на владата се уште има вицепремиер за добро владеење, иако Арбен Фетаи си поднесе оставка, а Собранието му ја констатираше. Но, во иднина таква функција ќе нема бидејќи премиерот Мицкоски во интервјуто за Директно на Телма наведе дека истите антикорупциски задолженија би ги добил секретарот во неговиот кабинет, кој има задача да го следи  спроведување на владините политики. Во моментот таа позиција ја врши Димитар Димовски.

-Во мојот кабинет има секретар што е задолжен за следење на реализацијата на програмата на Владата и на владините политики, па оттука ценам дека би бил соодветен да биде одговорен и за добро владеење. Мислам дека еден член помалку во Владата на ниво на потпретседатели би било нешто што можеме да го претставиме пред јавноста – изјави претседателот на владата Христијан Мицкоски во интервју во „Директно“ на Телма, на 30.06.2026.

Димитар Димовски во премиерскиот кабинет е на позицијата „секретар за јавни политики, координација и следење на реализација на програмата на владата“, стои во имотниот лист на неговата сопруга која е поставена за главен извршен директор на државната Развојна банка.

Сопругата навела и дека од владата добива нето приходи од над 140 илјади денари односно околу 2.250 евра, а името на Димовски го има и на повеќе записници од владини седници.

Но, неговото име го има и во судската хроника како обвинет во два големи случаи, „Шпански скали“ и предметот „Топлик“ на СЈО. За „Шпански скали“ доби ослободителна пресуда по обвинението за злоупотреби со продажба на државен имот на скопскиот Плоштад.

За „Топлик“ првин доби условна затворска казна за слични злоупотреби со државното земјиште за Сончев Град во Сопиште, но на втор степен пресудата падна, па со измените на Кривичниот Законик пред три години, обвинението застаре. Димовски беше обвинет како службеник во Министерството за транспорт и врски.

Димовски извршуваше и повеќе партиски функции во ВМРО-ДПМНЕ.

Во октомври 2024-тата е назначен за секретар во премиерскиот кабинет, а во Централен регистар е заведен и како управител на две фирми во која сопственик е неговата сопруга. Едната е ХербаНатура за продажба на природни фармацевтски препарати, втората е Соларис за струја од обновливи извори фотоволтаици.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Спротивставени ставови на јавната расправа за новата еколошка дозвола на „ТИТАН Усје“

Tea Dimkovska

МВР поднесе кривична пријава против осуммина вработени во Државниот инспекторат за труд за трагедијата во „Пулс“

Tea Dimkovska

МВР без одговор дали има кривична пријава за избоденото момче во Ченто

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе