Вести Македонија Топ вести

Паметни камери од денеска ги следат најкритичните точки за избувнување пожари

Најкритичните точки во државата, кои со години наназад беа најчеста мета на огнените стихии, од денес се под будното око на паметните камери. Засега во функција се околу 50 камери, а нивниот број во наредниот период дополнително ќе се зголемува.

Станува збор за современ систем што работи непрекинато, 24 часа дневно. Камерите, кои ротираат 360 степени, се следат од Оперативниот центар на ЦУК и со помош на вештачка интелигенција за само неколку секунди препознаваат чад или пламен. Штом ќе детектираат опасност, автоматски ја зумираат локацијата и испраќаат известување до оперативците, но и аларм преку електронска пошта и СМС-пораки. Известувањата продолжуваат се додека не биде потврден приемот на информацијата.

„Камерите се многу добри затоа што при појава на пожар ни овозможува од оперативниот центар да ги раководиме ресурсите кои се справуваат со пожарот на лице место.Значи, од каде имаме пристапни патишта, каде треба да упатиме противпожарни возила, каде треба да заораме со одредени делови, каде треба да го пречекаме пожарот итн. Што значи дека со тоа ние ја подобруваме целата ефикасност, а најголемата придобивка е што го скратуваме времето за јавувањето, односно за интервенцијата“, рече Петре Наков раководител на оперативен центар во ЦУК.

Ефикасноста на системот веќе е потврдена и на терен. Пожарот што пред три дена избувна кај велешкото село Каратаци бил забележан токму од овие камери. Благодарение на навремената детекција и брзата реакција на пожарникарите, огнот бил ставен под контрола пред да се прошири кон лозовите насади.

„Пред три дена пожарот кој беше во делот на територија на општина Велес кај село Каратаци, веднаш добивме слика, камерата го зумираше, го одработи своето и после тоа ние си ја отпочнавме нашата оперативна работа со тој пожар“, вели  Петре Наков раководител на оперативен центар во ЦУК

Во наредните денови системот ќе биде надграден и со звучен аларм кој ќе се активира веднаш по детектирањето на пожар.

„Верувам дека другата година со помош на Владата ќе успееме целосно да го имплементираме овој проект. Овие смарт камери многу добро се покажаа во некои држави од регионот, Грција, Бугарија, Хрватска. Во Хрвстска има 50 отсто помалку пожари од кога се поставени овие смарт камери“,Мухамед Али директор на ЦУК

Во моментов нема активни пожари во државата. Од Центарот за управување со кризи велат дека годинава се многу подобро подготвени за справување со пожарите. На вчерашниот состанок на Кризниот штаб, сите надлежни институции кажале со каква опрема, возила и луѓе располагаат, за да може да се реагира брзо и навреме ако избувне пожар.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Започна да тече рокот за поднесување приговори за резултатите од државната матура

Tea Dimkovska

Меѓународната организација на трудот отвори предмет за правата на вработените во институциите од културата во Македонија по упатена жалба од СКРМ

Tea Dimkovska

„Шанса за Центар“ алармира: Нов ДУП за Барутана носи ризик од ерозија на Водно

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе