Откорнато дрво на булеварот „Кочо Рацин“, поплавена гаража на булеварот „Јордан Мијалков“ . Ова се само дел од околу педесетината пријави што граѓаните ги поднеле по силното невреме кое вчера го зафати Скопје.
Дождот вчера за кусо време го парализираше градот. Сега улиците и булеварите се расчистени, а критичните точки подвозникот кај Мавровка, Кисела Вода и делот кај трговскиот центар Ист Гејт, кои вчера наликуваа на базенисе проодни. Сепак, дел од граѓаните се револтирани и стравуваат повторно од најавите за нови врнежи.
„Беше страшно во секој случај и мислам дека како и секој пат неподготвено не фати, меѓутоа денеска за кратко време сепак успеаа да досредат малку“, велат граѓани.
„Еве се исчистиле гледам, добро е.Во секоја земја да падне толкаво невреме ќе има поплави“, рече друг граѓанин.
Пријавени штети има и во центарот за управување со кризи.
„Имавме околу 300 јавувања, најманогу штети во Скопје“, рече Мухамед Али директор на ЦУК
Обештетувањето на граѓаните ќе се реализира преку општините. Но, градските власти одговорноста ја префрлаат во претходните гарнитури.
„Тоа се состојби кои што 30-тина години наназад се изградени дел од нив како булеварот Србија којшто е изграден пред повеќе од 15 години. Таму мора да се интервенира со пумпа но во перспектива ќе ги решаваме тие процеси. Исто така беше и кај Ист Гејт каде што се насобра голема количина на вода но толку е капацитетот на колекторот таму, така да бараме решение, изнаоѓаме да ги решиме тие наследени состојби од минатото“, изјави Орце Ѓорѓиевски градоначалник на град Скопје
Но, невремето не остави последици само на улиците. Поплавен беше и подрумскиот дел на Клиниката за радиотерапија и онкологија, поради што привремено беа исклучени апаратите за радиотерапија.
Од СДСМ регираа дека вода навлегла и во просторијата каде што се спроведува терапија со радиоактивен јод и изразија загриженост за можни безбедносни ризици за пациентите.
„Протекла вода и во просториите каде се прима терапија со радиоактивен јод. Не станува збор за обична дождовна вода туку на избиена канализација! Ова значи дека најранливата категорија на пациенти е изложена на двоен, стравотен ризик. Радијациски ризик, поради протекување на вода во просторијата каде што се прима терапија со радиоактивен јод. И биолошки ризик од протекување на септичка, фекална вода низ клиниката. Информациите со кои располагаме говорат дека единствениот изолиран бункер со оловни ѕидови е целосно поплавен, а друга таква алтернативна просторија на Клиниката – нема“, рече Богданка Кузеска од СДСМ
Од Клиниката, пак, уверуваат дека водата протекла во подрумот каде што е сместен Одделот за радиотерапија и дека апаратите биле исклучени исклучиво како превентивна мерка.
Работниците ги санираа последиците од протекувањето, пациентите ја добиваа потребната терапија, а акцелераторот за зрачна терапија работеше. Затворена остана само просторијата во која се спроведува терапија со радиоактивен јод, од каде што започнало протекувањето. Таа и претходно била привремено затворена поради безбедносните процедури поврзани со зрачењето.
„По санирањето на протекувањето, просториите беа исчистени и дезинфицирани, а апаратите беа проверени од овластени лица. При проверките не беше утврден никаков дефект. По завршените проверки, радиотерапевтските третмани продолжија кај сите пациенти. Безбедноста на пациентите и персоналот не беше доведена во прашање, а работата на Одделот се одвива согласно предвидените процедури“, рекоа од Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Штети претрпе и Македонската академија на науките и уметностите, каде што беа поплавени подрумот и гаражата, а вода навлезе и во главниот хол и амфитеатарот. Но и многу други инситуции и приватни објекти.
Симона Петреска
