Возач од Тетово е лишен од слобода откако бил фатен како вози со брзина од 177 километри на час на делница каде што максимално дозволената брзина е 80 километри на час.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, случајот е евидентиран вчера околу 18 часот на патниот правец Гостивар – Тетово, кај клучката Боговиње. Брзината била измерена од полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот со специјално возило „пресретнувач“.
По насоки на јавен обвинител, приведен е 47-годишниот К.Б. од Тетово, кој управувал патничко возило „Шкода“ со тетовски регистарски ознаки.
Против него ќе бидат преземени законски мерки и ќе одговара согласно член 297-а од Кривичниот законик на Република Северна Македонија, кој се однесува на безобѕирно управување со моторно возило.
Од МВР информираат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период на територијата на цела држава, со цел санкционирање на сторителите, зголемување на безбедноста и заштита на учесниците во сообраќајот.
-Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со што заеднички ќе придонесеме за побезбедни патишта, велат од МВР.
