Вести Македонија Топ вести

Македонија на листата на најлоши здравствени системи во светот

Граѓаните се соочуваат со листи на чекање, недостиг од медицински кадар, преоптоварени амбуланти и се поголеми трошоци за лекување. Ова се дел од причините поради кои земјава е рангирана меѓу најслабо оценетите здравствени системи според индексот на „Нумбео“, оценка со која се согласуваат и домашните здравствени експерти.

На листата од 25 земји, Македонија се наоѓа на 22. место со индекс 55 и просечна годишна потрошувачка од околу 639 долари по жител за здравствена заштита. Домашните експерти сметаат дека причините за слабата состојба во македонското здравство се поврзани со сиромаштијата и депресијата кај населението, но и со лошата кадровска политика.

Според нив, една од главните причини е поставувањето директори и менаџери по партиска линија. Таквиот јаз, посочуваат, постои со децении, кога во одредени институции раководните позиции ги добиваат лица кои не се од соодветната област.

„Главна причина во кадровите е лошата распореденост на кадрови, земање на специјализации по желба на самите кандидати а не на потребата на државата особено со приватниве, имаме многу пластични хирурзи, имаме кардиолози а немаме потреба од такви. Додека немаме анестезиолози, радиолози итн. Не може да очекуваме дека ќе имаме квалитетно здравство кога во некои клиники тој што ги менаџира не е воопшто специјалист во таа област или не е меѓу првите 50 специјалисти во државата и како во него ќе имаат доверба“, изјави д-р Никола Пановски, микробиолог.

Две децении се зборува дека Клиничкиот центар е нефункционален, но решенија нема. Наместо реорганизација, системот останува оптоварен со администрација и партиски интереси, додава Пановски кој смета дека се потребни сериозни промени, подобра организација и поголема улога на приватното здравство за пациентите полесно да доаѓаат до услуги.

„Веќе дваесет и неколку години се знае дека клиничкиот центар кој се раздели на повеќе клиники е нефункционален и никако да се среди, да го спојат пак, бидејќи тогаш нема да има триесет управни одбори. Повторно партиските луѓе ќе останат без хонорарчиња, ќе нема ни економски директори. Сите тие работи треба да се средат и во приватното здравство да се види и да се добијат некои пристојни цени, за да може пациентите со средства од фондот и таму да добијат некои услуги и дополнително здравствено осигурување би било решение“, вели д-р Никола Пановски, микробиолог.

Од министерство за здравство велат дека се работи за перцепциски индекс кој не претставува официјална оценка од меѓународни институции. Додаваат дека ваквите показатели треба да се толкуваат внимателно и во поширок методолошки контекст, при што постојат долгогодишни слабости во системот кои се адресираат преку тековни институционални мерки.

„Министерството за здравство веќе работи на повеќе процеси кои ги адресираат наталожените слабости во системот: дигитализацијата како фундаментален процес за подобро поврзување на здравствените податоци и услугите, оптимизација на „Мој Термин“ и листите на чекање, развој на телемедицина, ревидирање и проширување на позитивната листа на лекови, реформа на специјализациите и субспецијализациите, како и инвестиции во здравствената инфраструктура. Станува збор за спроведување на широка институционална агенда која е насочена кон градење на здравствен систем кој ќе биде подостапен, поорганизиран, кадровски посилен и подоверлив за пациентите“, соопштуваат од Министерството за здравство. 

Според индексот на „Нумбео“, на врвот на листата со најдобар здравствен систем се Тајван, Јужна Кореја и Јапонија. Заедничко за овие земји е широкото здравствено осигурување, брзата достапност до услуги и ефикасната организација на системот. Во анкетите се оценуваат повеќе сегменти, квалитетот на услугите, достапноста на лекарите, инфраструктурата, времето на чекање и цената на лекувањето. Станува збор за рангирање базирано на перцепции и искуства на граѓаните, а не за официјална анализа на Светска здравствена организација.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Франција воведува целосна забрана за користење социјални мрежи за деца под 15 години

Kristina Kuzmanovski

Во Италија запленети 770 килограми кокаин во пратка со банани

Kristina Kuzmanovski

ВМРО-ДПМНЕ: Валбон Лимани бега од одговорност за скандалот со водата

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе