25-годишна девојка се обидела да внесе кокаин и марихуана во скопскиот затвор Идризово. Дрогата била спакувана во две табли јајца во кои имало 318,62 грама марихуана и 142,2 грама кокаин.
Дрогата била откриена од затворскиот скенер кога дошла да го посети својот сопруг кој издржувал казна во Идризово.
„На 20 мај таа се обидела неовластено да внесе наркотична дрога – марихуана и кокаин во КПУ Затвор Идризово во Скопје додека била во посета на нејзиниот сопруг кој издржува казна во затворот.
Однела две табли во кои визуелно изгледало дека се спакувани вкупно 60 јајца, но при проверка на скенер и при рачна проверка, било утврдено дека 28 од нив содржат пакувања дрога, односно вкупно 318,62 грама марихуана и 142,2 грама кокаин“, соопштија од Обвинтелството.
Осомничената е мајка на малолетни деца, од кои едно 5-месечно бебе. Поради овој факт, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничената. Таа ќе одговора за Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
