Тинејџерка побарала помош на линијата „Ало Бушавко“, откако нејзин соученик постојано зборувал за самоубиство и открил дека има план како да го направи тоа. Операторите на линијата ја советувале да разговара со возрасен, па таа случајот ѝ го кажала на својата мајка. Наместо поддршка, добила совет да стои подалеку и да не се меша во туѓи проблеми. Бидејќи останала без вистински совет, повторно се јавила кај операторите, по што тие веднаш ја известиле полицијата.
„Во самиот пример реакцијата на мајката која е возрасно лице е навистина разочарувачка. Родителите треба да ги поддржат децата во вакви моменти и да знаат како да постапат, односно да преземат одговорност“, смета Мила Дамјановска, операторка на линијата Ало Бушавко.
Ова е само еден од случаите. На линијата „Ало Бушавко“ изминатава година се јавиле дури 19 деца со самоубиствени мисли или намера да си го одземат животот.
„Како главна причина за овие повици беше менталното здравје, најмногу поради страв, вознемиреност, самоубиствени мисли и обид за самоубиство. Многу е загрижувачки што имавме 19 случаи за самоубиство, односно деца кои се јавиле со такви мисли“, објаснува Изабела Ивановска, операторка на линијата Ало Бушавко.
Останати проблеми поради кои децата најчесто барале помош биле семејни проблеми и физичко насилство. Психолозите апелираат до родителите да не ги игнорираат проблемите на децата.
Во текот на изминатата година на линијата „Ало Бушавко“ се јавиле вкупно 284 лица. Девојчињата најчесто сами барале помош, додека за машките деца најчесто се јавувале нивните родители. Машките биле на возраст од 7 до 15 години, а девојчињата од 13 до 25 години.
Тамара Марковска
