Општина Центар воведува нов систем на паркирање, со кој јавниот простор ќе се користи порационално, а жителите полесно ќе може да дојдат до паркинг-место во близина на својот дом.
Како што информираат од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, една од најважните промени е новиот начин на издавање на повластените паркинг-карти. Наместо како досега, по жител, картите отсега ќе се издаваат по станбена единица, односно по адреса. Со новите правила секое домаќинство ќе има право на бесплатно користење повластен паркинг за првото возило, за второто возило ќе се плаќа месечен надоместок од 500 денари, а за третото 1.500 денари.
Од ПОЦ посочуваат дека со новиот систем се очекува да се намалат злоупотребите, да се стимулира користењето на жителските гаражи и паркинг-места и да се овозможи поефикасно користење на постојните капацитети, особено во населби како Дебар Маало, Капиштец, Буњаковец и потесното централно подрачје, каде што притисокот врз јавниот простор е најголем.
Според ЈП ПОЦ, токму досегашниот модел создавал сериозен дебаланс во користењето на јавниот простор. Во едно домаќинство со повеќе пријавени лица можело да се регистрираат и повеќе возила под повластени услови за бесплатно паркирање или паркирање со минимален надоместок, што дополнително го оптоварувало и онака ограничениот паркинг-капацитет.
„Паркинг-просторот во Центар е ограничен ресурс. Не е реално, ниту фер, јавниот простор неограничено да се користи од едно домаќинство, а други жители секојдневно се соочуваат со недостиг од слободни места. Дополнително, притисокот врз паркинг-просторот постојано расте бидејќи потребите за користење се сè поголеми, а расположливиот јавен простор останува ограничен. Затоа воведовме систем што треба да обезбеди поправедна распределба на просторот, побалансирани услови за сите жители и одржливост на системот за паркирање“, велат од претпријатието.
Од таму најавуваат дека средствата ќе бидат ставени во функција на инвестиции за обезбедување повеќе паркинг-места, проширување и подобро искористување на постојните капацитети, како и за модернизација и дигитализација на услугите, унапредување на паркинг-инфраструктурата и подобрување на контролата и наплатата.
