Делот од истражувањето на КОД (2023.) за чекањето на полноќ пред испораката на мазут во внатрешноста на централата Неготино, беше наречен МазутПепелашка. Бидејќи камионите чекале надвор за да помине полноќ и да почнат да важат нови, повисоки цени на мазутот.
Обвинителството на брифингот соопшти дека динамиката на испораката била испочитувана согласно договорот и така сведочеле и двајца претставници на ЕСМ односно од ТЕЦ Неготино.
А еден од условите како што известуваше и истражуваше КОД беше и делот за 1.200 тони дневно мазут за испорачување. Тоа е минимум 60 цистерни дневно до максимум 120 цистерни дневно- требало да остварат влез во централата.
„Капа им симнувам на фирмата“
Начинот на испораката е еден од двата клучни столба во пријавата на МВР. Но, обвинителството оцени дека нема докази за нередовна испорака на мазут според договорот и тоа го кажале самите претставници на ТЕЦ Неготино, а клучните докази од царината и приемната книга најдени во истрагата на обвинителството им покажале исполнета динамика на испораката.
Од свои извори, КОД дојде до сознание дека во образложението и записниците од истрагата, е цитирана изјава од Д.Д., високопозициониран службеник во АД ЕСМ.
-Во поглед на динамиката за испорачување на мазут за потребите на ТЕЦ Неготино, се било навремено доставено, капа им симнувам на фирмата која ја вршела доставата на мазутот бидејќи благодарение на работата на ТЕЦ Неготино во тој период нема ниту еден ден рестрикција на електрична енергија за домаќинствата. За конкретните договори никогаш не фалело мазут и се било идеално, при што добавувачот во услови кога не можел мазутот да го добавува од солунското пристаниште, истиот обезбедил услови мазутот да биде донесен од Атина, гласел исказот на Д:Д. Вработен во Есм, пред обвинителката и адвокатите на осомничените.
После ваквите пофални зборови од преставник на ЕСМ,обвинителката Коларевиќ ја запира истрагата и тврди дека сите записници со изјави од сведоците дојдени од ЕСМ се испратени во компанијата.
Од друга страна ЕСМ во своето соопштение пак наведува дека сведоците биле испратени по барање на Обвинителството за да ги разјаснат техничките дилеми за испорачувањето и работата на ТЕЦ Неготино.
-Нивната улога согласно барањето на Обвинителката – била единствено да ги образложат техничките процеси при набавката на мазутот и реализацијата на планот за производство на електрична енергија во ТЕЦ Неготино. Постапувачката обвинителка паушално го спровела вештачењето на доказите од кривичната пријава и неосновано ги искривила исказите на инженерите пратени на барање на Обвинителството за да ги образложат од технички аспект механизмите на спроведување на спорната набавка, како изговор за прекин на постапката, соопшти ЕСМ, во својата реакција.
Како течеле испораките
КОД дојде до податоци за почетокот на испораката на мазутот кога требало да се носат по 600 тони мазут дневно односно во декември 2021-ва година.
Во една работна недела, ТЕЦ Неготино за 5 дена примил вкупно 1.713 тони мазут наместо, согласно договорот 3.000 тони (5 дена по 600 тони).
Наредната недела, во работен ден кога Регулаторната комисија ја зголемува цената на мазутот од 38,5 денари за килограм на 40,1 денари. Тој ден биле примени односно заведено е дека се примени 1.621 тон или за 621 тон повеќе од потребното според договорот за втората недела. Надополнет е еден дел од негативна разлика од испораката. Но, за 621 тон вишок заработени се екстра (621.000 килограми по 1,6 денари разлика) 993.600 денари односно над 16.000 евра, во еден ден.
Банкарска гаранција
Третиот столб на истрагата по пријавата од МВР беше за перење на пари. Осомничени тројца, се спомнуваа и 72 милиони денари исплатени на лице осомничено во истрагата односно на Асмир Јахоски. Според обвинителството, истрагата не утврдила перење пари, ама утврдило дека парите биле исплатени од РКМ на Јахоски како наодмест за посредување во преговорите за набавка на мазут со Хеленик петролеум.
Во документите кои веќе ги објавуваше КОД, грчката фирма била наведена како фирма со која РКМ имал договор за соработка пред првиот тендер за мазут. Но, ДКСК дојде до документ во кој токму грчката компанија негирала таков договор потпишан со малата фирма, РКМ на Ратко Капушевски. Тоа било наведено како лажен податок во пријавата на МВР.
Арно ама, на барање за помош во истрагата преку таканаречено сребрено ниво, утврдено од Интерпол, а наменето за брзо обезбедување на податоци, грчките истражни органи и полицијата никогаш не одговориле и не ги потврдиле наводите. Така лажните податоци дадени од РКМ при јавен повик не се потврдени како лажни иако никогаш не стигнал грчкиот одговор. Но сега истрагата е сопрена бидејќи од Атина не стигнало ни нех ни охи.
КОД во своите истражувања објави дека на крајот на 2022-ра, РКМ склучил анекс во вредност од над 20 милиони евра.
Позајмица и посредување- патот на парите
А првата банкарска гаранција за првиот јавен повик за мазутот е посебна приказна. Обвинителството дури сега соопшти што открило и на кој начин фирмата РКМ со долгови и со двајца вработени успеала да ја уплати банкарската гаранција од половина милион евра + милион евра по добивање на тендерот.
-Преку исказ на осомничените утврдено е дека преку позајмица лицето Асмир Јахоски му дава позајмица на РКМ, а со тие пари е уплатена банкарската гаранција потребна како услов за јавниот повик за набавка на мазут, рече обвинителката Катерина Коларевиќ, на брифингот со новинари на 12.05.2026.
Во врска со парите кои потоа му се исплатени на Јахоски за посредување во тек е и даночна постапка за исплатените 2 милиони евра. Тие биле оданочени, но УЈП имало сомнежи поради што нивното решение еднаш било оспорено на Управниот суд.
Со пријавата беше наведено дека со дел од парите добиени за мазутот, осомничените купиле купиле два автомобили „Mercedes Benz“, дел ги трансферирале на своите сметки во разни банки, а потоа ги подигале во готовина. Но, основот за перење пари исто така според ОЈОГОКК, не бил докажан во истрагата.
Миомир Серафиновиќ
Прилогот беше прикажан во емисијата КОД на 17.05.2026. на ТВ Телма.
