Во буџетот снемува пари, владата по скратена постапка се задолжува со нови 260 милиони евра, а за првпат државата не добива толку пари колку што побара од кредиторите. Сакаа да земат 300 милиони евра, а добија само 260 милиони со висока камата, обвинува претседателот на СДСМ Венко Филипче. За него, тоа е сериозен показател за нарушената доверба во економската политика на Владата и за лошата состојба со Буџетот и јавните финансии.
„Нема поголем индикатор дека кредитниот рејтинг на земјава е нарушен и дека и банките повеќе не ѝ веруваат на оваа држава. Да не се добијат пари колку што државата побарала, побарале 300, добија 260 милиони евра, со висока каматна стапка, и не од една, туку од повеќе финансиски институции, тоа до сега и на тој начин не било. Сето тоа укажува дека оваа власт катастрофално ја води државата и нам ни претстои финансиски крах“, изјави Филипче на денешната прес-конференција.
Претходно од СДСМ посочија дека дефицитот во првите четири месеци од годината надминал 5 проценти и затоа е ова ургентно задолжување.
Во меѓувреме, стартуваа и подготовките на ребалансот на буџетот. Премиерот Мицкоски вели ги враќаме парите откако ја ограбија државата и ја оставија со празна каса и долгови. Консултациите за ребалансот се во тек. Времињата се тешки во светот, но нема да очајуваме, вели тој.
„Очекувам капиталните инвестиции до крајот на годината да продолжат се реализираат бидејќи ја знам каква е динамиката, а од друга страна да има доволно за плати, за пензии, за социјални трансфери. Обврските кои што ги имаме оваа година со камати треба да ги вратиме, околу три милијарди евра, некои стари задолжувања. Тешки се времињата. Гледате што се случува во светот. Имајќи предвид каква е состојбата во другите држави, кај нас ударот не е толку голем и врз самиот Буџет, но генерално ќе гледаме да направиме едно оптимално решение со коешто ќе имаме доволно и за капитални инвестиции“, изјави премиерот Христијан Мицкоски денеска во Виница.
Според алатката, фискален бројач на Министерството за финансии, заклучно со 14 мај, собрани се 34 отсто од планирани приходи, но потрошени се 39 отсто од планираните пари. Само во првите три месеци од годинава се потрошени над 64 отсто од планираниот дефицит за целата година, односно 408 милиони од планираните 638 милиони евра до крајот на годинава.
Срѓан Стојанчев
