Вести Македонија Топ вести

Здравство најави, но не го достави извештајот на странската комисија за непотребни операции на срце

Досега ниту една институција не ги добила наодите на странската комисија која утврди непотребни кардиолошки или кардиохируршки интервенции кај девет пациенти, иако минатата недела извештајот беше доставен до минитерството за здравство, а вчера министерот Азир Алиу најави дека ќе го достави до надлежните. Обвинителството, Државната комисија за спречување на корупција, Лекарската комора, Фондот за здравство, Владата се адресите до кои треба да стигнат наодите, но тоа засега не е направено. Од Министерство за здравство велат дека во најкраток рок и форма што е усогласена со законските обврски ќе биде доставен извештај.

„Со извештајот од странската комисија се постапува согласно институционалните процедури, со оглед на тоа што содржи чувствителна медицинска документација, лични и медицински податоци на пациенти, како и стручни наоди кои мора да бидат административно и правно обработени пред доставување до надлежните институции“, велат од министерството за здравство. 

Претходно, министерството за здравство побара од Лекарската комора да спроведе стручен надзор во 11 здравствени установи за изминатите три години, поради сомнежи за извршени непотребни операции и интервенции. За секоја година и за секоја установа се проверуваат интервенции кај пет пациенти избрани по случаен избор.

Од Лекарската комора велат дека формирале комисии и побарале од здравствените установи да ја достават целокупната документација за лекувањето и третманот на избраните пациенти. Извештаите веќе биле доставени до министерството за здравство кое е надлежно за понатамошно постапување. Од Комората додаваат дека, доколку Министерството утврди основ за одговорност, може да иницира постапки пред надлежните и да поднесе кривични пријави или да побара одземање лиценци за работа.

„Од една здравствена установа добивме податок дека такви интервенции не се изведени, а од две, ЈЗУ Клиничка болница Битола и ЈЗУ УК за кардиохирургија воопшто не добивме никакви документи и покрај испратена ургенција. Лекарската комора досега, комисиски, спроведе надзор и изготви извештаи за 60 случаи, а 45 предмети се во фаза на завршување. Останува да се направи стручен надзор за уште 15 предмети“, нагласуваат од Лекарската комора. 

По скандалот со непотребните операции на срце, што во јавноста го обелодени кардиологот Сашко Кедев, министерството за здравство формираше комисии за утврдување евентуални пропусти. Странската комисија, анализирајќи 13 случаи, утврдила дека кај девет пациенти биле извршени непотребни кардиолошки или кардиохируршки интервенции, додека само четири случаи биле оправдани. Иако првично беше најавено дека извештајот јавно ќе биде објавен, министерот за здравство подоцна одлучи тој да не биде достапен за јавноста, со образложение дека може да стане дел од судска постапка.

Здравствените власти сметаат дека извештајот сам по себе не е доволен за покренување кривична постапка. Конечната одлука дали ќе биде отворена истрага и дали ќе се утврдува евентуална кривична одговорност е во рацете на обвинителството.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

МВР поднесе кривична пријава против осуммина вработени во Државниот инспекторат за труд за трагедијата во „Пулс“

Tea Dimkovska

МВР без одговор дали има кривична пријава за избоденото момче во Ченто

Tea Dimkovska

Крави и коњи цела недела шетаат по градските улици во Тетово – никој не знае чии се

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе