Португалија и Италија се следните популарни туристички дестинации за кои се очекува привремено да ги суспендираат контроверзните нови гранични контроли на ЕУ за да се избегне хаос за време на претстојните училишни распусти.
Експертите за патување веруваат дека ова ќе ги поштеди британските туристи од маките предизвикани од хаотичното воведување на новиот систем, пишува Дејли Меил.
Грција веќе привремено ги суспендираше до септември новите правила на Системот за влез/излез за британските туристи откако нивното воведување предизвика огромни толпи и одложувања. Но иако засега нема официјална одлука за негово целосно суспендирање се очекува Грција да примени привремени практични прилагодувања во текот на летните месеци и за Србија со цел да се намалат гужвите на границите.
Генералниот конзул на Србија во Солун, Јелена Вујиќ Обрадовиќ, изјави дека иако не постои официјален документ за суспензија, постојат неформални уверувања и договори за олеснување на примената во периодот на најголем туристички сообраќај.
Според нејзините изјави, во периодот од 1 јуни до 30 август се очекува системот да се применува флексибилно за српските државјани, особено во часовите со најголем прилив на патници.
И туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија упати барање до Министерството за туризам на Грција за привремено одложување на примената на системот за македонските државјани во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година.
