Секоја одлука на НАТО за помагање на САД во војната со Иран треба да се решава на заедничката масата на Алијансата во Брисел, како заедничка политика на земјите-членки, но откако такво конкретно барање ќе стаса до Алијансата. Ова е заеднички став на претседателите на Македонија и Црна Гора, Гордана Сиљановска Давкова и Јаков Милатовиќ, за барањето на американскиот претседателот, Доналд Трамп, за помош од НАТО.
- „Не знам за каква конкретна поддршка се работи. Значи, тоа треба да се чуе за да може да се одговори, бидејќи рековте очекува поддршка од НАТО. Веројатно откако конкретно ќе дознаеме и размениме мислења во рамките на НАТО, не сами, ќе може да ви одговориме“, рече Давкова.
Според црногорскиот претседател, кој денеска и утре престојува во официјална посета на земјава, кога станува збор за потенцијално воено учество тоа не е тема која моментално се разгледува во рамки на НАТО.
- „На секое потенцијално, конкретно прашање во тој контекст секако дека ќе ние и секоја друга земја-членка навремено ќе се определиме“, рече Милатовиќ.
Двајцата шефови на држави по заедничката средба зборуваа и за евроинтеграциите при што Милатовиќ рече помошта која ќе ја даде за регионот членството на Црна Гора во ЕУ ќе биде порака дека тоа е остварливо и можно.
Претседателката Давкова даде свој став за амандманот на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, за правно толкување на Протоколот со Бугарија од страна на Европскиот совет.
- „Мислам дека тоа барање е задоцнето, но секо барање за правна интерпретација е добро. Мислам дека уште при расправата за преговарачката рамка и за заклучоците требало да се води сметка за основните принципи и вредности на ЕУ,“ рече Давкова.
Давкова пак изјавата на премиерот, Христијан Мицкоски, дека Македонија е подготвена да чека и децении на членство за да добие предвидливост на процесот, смета дека била дадена во условна форма и нејзин став е дека Македонија треба да стане членка на ЕУ веднаш по Црна Гора, ако се води според технички критериуми и низ призма на реформите.
Тамара Грнчароска
Б.С.
