Вести Македонија Топ вести

Владата не брза за избори, опозицијата собира пратеници

Воздржаност наместо изборен ризик и фокус на реформи наместо краткорочни победи. Премиерот Мицкоски порачува дека Владата нема намера да оди на предвремени парламентарни избори оваа година и покрај убедливата победа на локалните избори минатиот октомври. Наместо трчање нова изборна трка, за власта сега приоритет се задачите на европскиот пат и реформската агенда, тврди Мицкоски.

„Иако политички опортуно е покрај вакви бројки, после убедливата победа на локалните избори да организираме и предвремени парламентарни избори, но тоа не мислам дека е сега државнички потег. Мислам дека треба да се фокусираме на реформите. Јас се вратив со добри вести од Брисел, но ќе чекам самата Европска комисија да ги соопшти во делот на испораката на реформската агенда. И наша желба е да имаме редовни парламентарни избори во пролетта 2028 година, ние сме сега отприлика на крајот од првата половина од нашиот мандат“, рече премиерот Христијан Мицкоски. 

За најмногу три месеци од сега, Владата ќе ја комплетира најавената реконструкција во своите редови, премиерот повеќепати досега нагласи дека соработката со партнерите е добра и принципиелна, а денеска од опозицијата стигна порака: „ви се распаѓа коалицијата“.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вели дека има преговори за проширување на пратеничката група на неговата партија и не открива со кои пратеници, но тврди дека разговори се водат со повеќе луѓе, а не само од една партија. Навестува дека незадоволните од СДСМ се добредојдени назад во матичната партија.

„Очигледно е дека владината коалиција постепено се распаѓа. Очигледно е дека партијата ЗНАМ којашто е предавничко движење, неколку луѓе на врвот коишто ја предадоа партијата за свои сопствени финансиски интереси и се подизведувачи на ВМРО-ДПМНЕ во овие антинародни и политики спротивни на националните интереси, постепено се распаѓа. Луѓето очигледно мислеле едно дека ќе биде, но се покажало дека е друго. Ние на тоа предупредивме. Не може да мислат луѓето како Христијан Мицкоски и Максим Димитриевски дека некој само ќе седи во Собрание и ќе дига рака, додека тие тераат бизниси“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Во меѓувреме, околу окрупнување во рамки на законодавниот дом, премиерот Мицкоски беше дециден дека не гледа простор за преговори со други политички субјекти за прелевање во мнозинството. Владата допрва ќе анализира кој каков импакт има во своите редови, кој министер останува, кој ротира и каква математика ќе произлезе од меѓукоалициските договори пред реконструкцијата. А, бранувања има и во албанскиот политички блок, од опозицијата со обвинувања за Вреди дека се само декор без реален импакт на „Илинденска“ бр. 2.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Осомничениот за нападот во Берлин е застрелан од полицијата во момент кога сакал да нападне со остар предмет

Дејан Дејан

(видео) Харис и Кемал се единствените преживеани на Елбрус – загинаа петмина планинари од БиХ

Дејан Дејан

Приведени осуммина кај кои полицијата пронашла дрога

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе