Енергетската криза и геополитичките тензии носат сериозни ризици за економијата, но македонските институции внимателно ја следат состојбата и преземаат мерки за заштита од инфлаторни шокови, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за „Топ Тема“ на Телма.
Според него, постои висока свест кај европските институции и земјите членки за зголемената нестабилност, особено во контекст на војната во Украина.
„Оваа засилена волатилност дополнително влијае на процесот на снабдување со енергенси, но еден факт што често се занемарува е дека преку теснецот поминуваат и различни ланци на снабдување, клучни суровини значајни за земјоделската индустрија“, изјави Муцунски.
Тој предупреди дека ризиците од инфлација и раст на цените се реални, додека најголем дел од мерките во ЕУ засега се носат индивидуално.
„Владата презема мерки во однос на цените на нафтените деривати и енергенсите, со цел да не се дозволат високи инфлациони шокови кои ќе влијаат на прехранбената индустрија и другите сектори. Сложен е процесот и внимателно треба да се надгледува“, рече Муцунски.
Во однос на односите со Бугарија, министерот нагласи дека е потребна внимателност во јавните настапи поради изборите кај соседот.
„Се наоѓаме во специфичен период и секој избрзан коментар може да не вовлече во изборниот наратив. Провокации постојат и затоа мора да бидеме внимателни“, посочи тој.
Муцунски се осврна и на посетата на Брисел, каде фокусот бил ставен на реформите, евроинтеграциите и билатералните односи.
„Во последната анализа, која наскоро ќе биде објавена, сме лидер во регионот во реализација на мерките од реформската агенда. На ниво сме со Црна Гора, далеку пред Албанија, а неспоредливи со Србија, БиХ и Косово. Добивме пофалби од европските институции“, истакна тој, додавајќи дека и понатаму има предизвици и потреба од реформи.
Во однос на дијалогот со Софија, Муцунски посочи дека постојат иницијативи, но нивната реализација е отежната.
„Не е дека не сакаме да преговараме со техничка влада, но по природа таа нема целосен легитимитет. За дел од овие идеи, претходната влада во Бугарија беше консултирана преку претставници на ЕУ и земјите членки. Имаше иницијатива за состанок меѓу мене, олеснувачи во меѓународните односи и тогашниот колега од бугарска страна, но иницијативите запреа“, рече Муцунски.
Тој нагласи дека реципроцитетот е клучен во однос на малцинските права.
„Очекуваме Бугарија да ги почитува обврските од Европскиот суд за човекови права, односно регистрација на организациите на Македонците во Бугарија, како минимален услов. Потребни се и институционални гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање и дека нема да има нови отстапки поврзани со идентитетот, јазикот и историјата“, истакна министерот.
На прашањето зошто овие теми не ги покренал во Советот на Европа, Муцунски посочи факт е дека ЕУ преку примерот на Македонија создала пракса на други прашања кои не се во самото “аки“ односно целокупното право, правила и стандарди на Европската Унија што сите земји членки мора да ги прифатат и применуваат.
Т.Д.
