Вести Култура Топ вести

Театарската магија се губи кога одлучуваат ситните политики – Светски ден на театарот

Кога наместо квалитетот и вредноста, одлучуваат ситните политики, се губи театарската магија, велат членовите на независниот театар „Златен Елец“. Тие колективно ја напишаа домашната порака за Светскиот ден на театарот – 27 март, избрани од Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт при УНЕСКО.

„Магијата се губи кога уметниците и талентите зависат од политиката и од таквите „специјални“ контакти, кога наместо квалитетот и вредноста, одлучуваат ситните политики, кога талентирани млади луѓе се принудени да ја напуштат земјата или професијата, затоа што немаат „отворена врата“ низ која да влезат“, изјави Бобан Алексоски, актер и продуцент на театарот „Златен Елец“.

Во меѓународната порака упатена од американскиот актер Вилијам Дефо, што ја читаше актерот од МНТ, Ивица Димитријевиќ, трикратно номинираниот актер за Оскар предупредува на одроденоста меѓу луѓето во ова време на социјални мрежи.

„Не треба да си слеп за да не забележиш дека човечкиот контакт е во ризик, истиот да биде заменет со односи со алатки, инструменти, уреди. Додека некои технологии кои можат да ни служат за подобро, го наметнуваат проблемот што не знаеме кој е на другата страна во кругот на комуникацијата. Овој проблем е длабок“, рече Ивица Димитријевиќ, читајќи порака од Вилијам Дефо.

МНТ ќе го чествува Светскиот ден на театарот со вечерашната премиера на кореодрамата „Диво месо“. Мотивите за стравот, сиромаштијата и моралната ерозија од текст на Стефановски, во кореографија на Александра Кочовска- Начева и Елена Антонова- Петровиќ, на сцената ги оживуваат студенти од Катедрата за Балетска педагогија при УКИМ, Танцовата академија при УГД-Штип и ученици од ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“ од Скопје. Режијата е на Борче Начев.

„Уште еднаш нѝ се потврди колку всушност денес е актуелен текстот. И немавме голема дилема дека треба да се одлучиме тоа да го сработиме“, рече Борче Начев, режисер на претставата.

А, во театарот „Комедија“ ќе се одржи праизведба на текстот на Митко Чешларов „Кој сум јас“, во режија на Наташа Поплавска. Фарсичната комедија за лажните идентитети е огледало на стварноста, вели режисерката.

„Значењето на „Кој сум јас“ е многу важно. Прво, да си одговориме самите на себе кои сме ние, да не се лажеме. Затоа што токму болестите и несреќата човечка доаѓаат од таму. Кога ќе ги симнеме маските, ќе бидеме многу посреќни“, порача Наташа Поплавска, режисерка на претставата.

Светскиот ден на театарот е инициран од Меѓународниот театарски институт- УНЕСКО во 1962 година. Целта е да ја истакне важноста на театарската уметност, нејзиното влијание врз културата и моќта да ги обедини луѓето, преку пораки напишани од истакнати уметници.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Почина Хазарос Сурмејан, балетски уметник и кореограф

Дејан Дејан

Банките во судир со Славески и Кочоска заради новите банкарски ценовници

Дејан Дејан

Одбраната на Богоев поднесе жалба – притворот е непотребен велат кривичарите

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе