Вести Македонија Топ вести

Владата да намали со непродуктивни трошења и да даде повеќе за најранливите

Намалување акцизи, зголемување на владината помош за најранливите категории и намалување на сите непродуктивни трошоци од буџетот, препорачуваат економистите за справување со зголемувањето на цените предизвикано од војната на Блискиот Исток.

Оваа нафтена криза има потенцијал да предизвика уште поголема инфлација од таа предизвикана од енергетската криза во 2022 година.

Академик Таки Фити препорачува намалување на акцизите за горивата, но и засилена улога на Комисијата за заштита на конкуренцијата, затоа што во вакви кризи се случува трговците неоправдано, и по претходна меѓусебна координација, да ги зголемуваат цените на производите.

„Другата работа е антимонополската контрола. Во ваква ситуација многу фирми се однесуваат монополистички, односно под изговор дека расте цената на нафтата ќе ги зголемиме и цените на производите. Во таква ситуација, трошоците за производство растат и цените растат, меѓутоа во светот антимонополската комисија прави контрола дали и колку е оправдан порастот, она што го прави на еден или на друг начин Регулаторната комисија за енергетика“, вели Фити.

Владата донесе одлука за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто за да го намали растот на цените. Професор Ванчо Узунов вели дека тоа е премалку и предоцна, а инфлаторниот бран е неизбежен.

„Најранливите категории граѓани се веќе осиромашени, а и оние коишто до скоро не биле под линијата на сиромаштија, многу големи се изгледите да паднат во сиромаштија, под линијата на сиромаштија во текот на оваа година и тоа до летото, што значи дека владата ќе треба да преземе мерки со коишто ќе ги зголеми парите коишто ги трансферира до ранливите категории на граѓани. Не сите. Значи селективни мерки, не секому, не популистички на сите граѓани, коишто владата ги гледа како гласачи, а не како граѓани, туку на оние што се ранливи категории граѓани и нивниот животен стандард, не може да се спаси, ама да не се уништи до тој степен“, вели професор Ванчо Узунов.

Професор Борче Треновски вели дека секоја помош треба да биде условена со градење на потенцијали за развој во иднина.

„Кога давате мерка за администрацијата или зголемувате плата, вие го комбинирате со рационализација и услови за подобра ефикасност на администрацијата. Кога давате мерка за бизнисот, вие го комбинирате со услови како бизнисот да стане поефикасен. Во 2008 и 2009 година технолошкиот развој, производството на нафта од шкрилци, сите овие медицински напредоци беа условени од тогашниот претседател Барак Обама со мерките кои ги даде како поддршка. Значи имаше развој поврзан со поддршка. Ние немаме луксуз да имаме поддршка за која нема да бараме поврат од оној кој ја добива поддршката“, вели професор Борче Треновски.

Со оглед на тоа што ценовниот шок не е предизвикан од премногу пари во оптек или од зголемена куповна моќ на граѓаните, економистите велат дека засега нема потреба Народната банка да ги зголеми каматните стапки.

Со намалување на акцизите и намалување на економската активност, може да се очекува и намалување на приходите во буџетот, а со оглед на тоа што просторот за нови задолжувања е ограничен, економистите препорачуваат владата да штеди и да ги намали сите непродуктивни трошоци.

Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, Економскиот факултет Скопје и Сојузот на економисти денеска организираа научно стручна расправа на тема „Улогата на пазарот и државата во управувањето со ограничените ресурси – случајот на Република Северна Македонија“, на која учествуваа бројни економисти и бизнисмени.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Пронајдена поголема количина кокаин – маж од скопски Брест лишен од слобода

Дејан Дејан

Осомничениот за нападот во Берлин е застрелан од полицијата во момент кога сакал да нападне со остар предмет

Дејан Дејан

(видео) Харис и Кемал се единствените преживеани на Елбрус – загинаа петмина планинари од БиХ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе