Подготвително рочиште се одржа, но не и воведни зборови на обвинителството за случајот со злоупотребите на ИПАРД програмата поради кои поранешниот директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Илија Стоилев. Првообвинет е Џевдет Насуфи, поранешен министер за правда и за локална самоуправа во владата на Љубчо Георгиевски, како директор на фирмата „Сигнас-Арго“ од струшко Велешта им дал 5.000 евра на тројца луѓе да влијаат на Стоилев кој требало да добие 50.000 евра за да стави потпис на проектот на фирмата за да донбие пари од ИПАРД 3 програмата. Полицијата, според обвинението, го фатила Стоилев со првите 400 евра дадени на рака.
Одбраната се жалеше дека немала увид во доказите, а обвинителката која го води случајот Наташа Поп Трајкова поради тоа немаше можност за воведни зборови. Судијката Ленка Давидкова следното рочиште го закажа за 30 април за одбраната да има доволно време да се запознае со доказите.
Европската комисија ја стопираше и исплатата на 2,9 милиони евра од ИПАРД 3 програмата кои требаше да легнат на сметката на државата до крајот на јануари. Министерот за земјоделство Трипуновски вели дека ЕК на средбите во Брисел ја поздравила брзата реакција и преземените активности по апсењето на Стоилев. Притоа дотавени се извештаите на националниот координатор и ревизорско тело кои ќе треба ЕК да ги разгледа и да даде одговор.
„Исто така се потенцираше и заложбата на владата за надминување на оваа состојба во интерес на земјоделците и стопанството што се корисници на овие средства. Од наша страна согласно доставените извештаи се побара да се направи една побрза евалуација на истите со цел да се донесе еден конечен став. Конкретен рок за кога тоа би се направило, не добивме одговор, меѓутоа имаше укажувања дека ќе се забрза целиот процес. Веднаш кога ќе добиеме коментар за извештаите кои се доставени ќе ја информираме јавноста“, вели министерот Трипуновски.
Меѓу обвинетите е и вработен во УЈП и неговиот брат. Четворица вработени во Агенцијата исто така се гонат бидејќи ја одобриле апликацијата без потребните документи. Телма веќе пишуваше дека околу 10 милиони денари или речиси 169.000 евра бил проектот за кој на обвинителна клупа седна поранешниот директор на агенцијата, а земјоделците останаа без очекуваните пари.
Maрија Митевска
Дигитална обработка: Т.Д.
