Само 30 проценти од реформите од Реформската агенда на земјава од Планот за раст на Западниот Балкан се исполнети, додека од чекорите за подобрување на бизнис опкружувањето досега е реализиран само еден. Оваа информација беше споделена на дискусијата посветена на Реформската агенда како ветер в грб на малите и средни бизниси, организирана од Институти за демократија, Фондацијата отворено општество – западен Балкан и Бизнис конфедерацијата на Македонија.
„Засега е донесен само еден закон, поточно измени на Законот за трговски друштва во делот на број на членови на управни одбори и моментално се работи на Законот за трговски друштва и јавни претпријатија во државна сопстсвеност, за кој рокот беше до декември минатата година“, рече Анамарија Велиновска од Институт за демократија.
Очекувањата се дека најголем дел од реформите ќе се исполнат во 2026 година, бидејќи рокот за целосна реализација на Реформската агенда истекува во 2027 година.
„Следниот извештај којшто треба да го видиме од Европската комисија се однесува на рокот до декември 2025 година. Така што го очекуваме во ова тромесечие да видиме која била реализацијата до декември 2025“, рече Велиновска.
Од бизнис заедницата, освен институциите кои треба да ги спроведат реформите за усогласување на регулативата и условите за компаниите за тие да можат полесно да се вклучат во заедничкиот европски пазар, сметаат дека треба да се реформираат и самите компании.
„Ние доколку не спроведеме реформи во компаниите, не почнеме да размислуваме за дагитализација, за конекција, за подобрување на нашиоте производи, реформската агенда подразбира дека едно пакување од било кој наш производ ќе треба да биде усогласено со европските стандарди. Е за тоа треба да државата да обезбеди финансии, олеснет пристап до информации, подобрување на пазари, конекција, намалување на трговските бариери, царинските стапки“, вели Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија.
Според Бошков, бизнис заедницата мора да биде мостот меѓу реалниот бизнис и креаторите на политики за што, како што рече, е формирана рабона група во Министерството за економија за изготвување на методологија за намалување на бизнис бариерите.
Со оглед дека анкетите покажале дека 43 проценти од граѓаните не слушнале за Планот за раст и Реформската агенда, а исто толку слушнале, но не знаат никакви детали за тоа, од Институтот за демократија со став дека мора да се намали комуникацискиот јаз меѓу јавноста и информираноста за носењето закони и правилници кои го менуваат секојдневниот живот на граѓаните.
Тамара Грнчароска
Дигитална обработка: Т.Д.
