Хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, на денешната прес конференција со македонската претседателка, Гордана Силјановска Давкова, изјави дека од нашата држава се бара премногу на патот кон Европската Унија.
„ Тоа е наддавање што не е лесно да се задоволи. Што и да направиш, доаѓа ново барање. Потоа доаѓа нешто на што не си сметал“ – изјави Милановиќ, нарекувајќи го тоа „збунување“.
Тој рече дека им посакува на Македонците сами за себе, без туѓо менторство и манипулација, да одлучат што е добро за нив, бидејќи ова „предолго трае“.
„Има живот и без ЕУ. И тоа успешен и сосема достоинствен живот – порача Милановиќ. – Европската унија е надградба, но никако не е зградата. Нашата куќа и нашата зграда се на нашето земјиште, нашите темели се во него, а ЕУ е добредојдена сензација додека трае. Немам никакви илузии за тоа. На Македонците им посакувам сè најдобро, сами за себе да оценат, без туѓо менторство и манипулација, да одлучат што е добро за нив“ – додаде хрватскиот претседател.
Македонската претседателка, Силјановска Давкова оцени дека европскиот пат на нашата држава, која со кандидатски статус се стекна во 2005-тата година, се претворил во маратон со непредвидлив исход и пречки „кои немаат темел во европското право“.
„Многу посветено тргнавме по тој пат. Добивме можеби 20 и повеќе позитивни годишни извештаи и препораки од Европскиот парламент и Европската комисија за почеток на преговорите. И никако да дојде до почеток на преговорите“ – изјави Силјановска-Давкова.
