Американскиот претседател Доналд Трамп го продолжи рокот кој им го даде на иранските власти да го одблокираат Ормускиот теснец, кој важеше до вечерва на полноќ. Обраќајќи се преку социјалните мрежи, како што често прави кога го менува правецот на своите политики, Трамп соопшти дека по одржувањето на конструктивни преговори, одлучил да ги суспендира на пет денови нападите врз иранската енергетска инфраструктура.
Техеран досега негира дека воопшто се водат преговори со САД, освен оние кои беа прекинати со почетокот на американско израелските воздушни напади и ликвидацијата на Ајатолахот Али Хаменеи.
Пред повлекувањето на ултиматумот, иранскиот режим лансираше ракета кон американската воена база Диего Гарсија, во Индискиот океан, 4.000 километри подалеку од Иран.
„Иран претходно тврдеше дека лимитот на нивните ракети е ограничен на 2.000 километри домет. Затоа, нејасно е дали Иран има нова ракета, или пак модификувал една од постоечките за да ѝ овозможи да го достигне тој домет. Иран официјално не го потврдил ова, но ако новиот домет е вистински, тоа за прв пат става дел од Европа во дометот на Иран“, вели Џон Гамбрел, Асошиејтед прес.
Од друга страна, соопштението на Трамп позитивно делуваше на меѓународните берзи, спуштајќи ја цената за барел под 100 долари. Се смирија и финансиските пазари, кои претходно нервозно реагираа со значително зголемување на каматните стапки.
„Сите се исплашени дека глобалната економија ќе падне во депресија, бидејќи цената на нафтата продолжува да расте. Освен тоа и глобалната понуда на нафта е намалена за 20 милиони барели на ден, а светот не може да си го дозволи тоа“, рече Францис Лун, извршен директор на Вентурсмарт Азија
Конфликтот на Блискиот исток влезе во четвртата недела и последиците од него со секој изминат ден се сѐ позначајни за глобалната економија. Светските пазари реагираат на секоја објава и залутана ракета, зголемувајќи ги изгледите од сериозна криза.
Сепак, економистите предупредуваат дека последиците ќе се чувствуваат и извесен период откако конфликтот заврши.
