Спречен влез на околу 50 тони небезбедна храна на македонскиот пазар по контролите на инспекциските служби кај две пратки на граничниот премин Ќафасан.
Станува збор за 27 тони мелено говедско месо од Парагвај.
„Одлуката за забрана на влез на месото во нашата држава е донесена по направената проверка во информативниот систем на АХВ и на увозната документација според која количините кои требало да се увезат и да завршат на македонскиот пазар потекнувале од објект кој не е одобрен од АХВ“ – изјави Оливер Миланов, директор на агенцијата за храна и ветеринарство. Но покрај месото, спречен е увоз и на 22 тона ореви од Казахстан.
Причина за забраната биле неправилности во означувањето и отстапувања од пропишаните критериуми за квалитет и безбедност. Целата пратка е вратена во земјата на потекло и не е дозволен нејзин пласман во земјава.
Дел од граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека производи со поминат рок кои се повлечени од маркетите може да се најдат на пазарите во Скопје.
„Во изминатиов период вршени се контроли и на пазарите, при што доколку се најдат производи со изминат рок производите се уништуваат, а на продавачот односно операторот му следува глоба за пуштање во промет на небезбедна храна“ -додава Миланов.
Во моментов Агенцијата за храна и ветеринарство располага со 200 инспектори за кои Миланов смета дека е доволно за да се спроведе контрола на целата држава. Во претстојниот период и во пресрет на Велигденските празници ќе продолжат засилените контроли на Агенцијата.
Нина Стефанова
